Ekipa
26 Април 2018•Ажурирај: 26 Април 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Најголемиот светски интернет-сајт за споделување видеоматеријали „Јутуб“ (Youtube), предизвика реакции кај луѓето откако од веб-страницата беше отстрането видеото на кое може да се види како израелските војници ги убиваат палестинските цивили. По реакцијата, „Јутуб“ повторно го постави видеото, но овојпат со ограничување според возраста, јавува Anadolu Agency (AA).
Палестинката Сана Касем информираше дека „Јутуб“ на 22 април го отстранило поставеното видео со наслов „Додека се обидуваат да го спречат уривањето на гетата во Газа, Израел отвора оган со цел да убие“.
По големиот број реакции поради отстранувањето на поставеното видео, првенствено од еврејскиот професор Норман Финкелштајн, „Јутуб“ на 25 април повторно го постави виедото на својот сајт, но овојпат со ограничување според возраста.
- „Ќе чекаат додека не бидат убиени сите деца во Газа“ -
Изјава за АА во врска со ова видео даде професорот Финкелштајн, кој, исто така, реагираше на поставената цензура.
Проф. Финкелштајн изјави: „Трпеливо ќе чекаат Израел да ги убие сите деца во Газа, и потоа повторно да го објават ова видео.“
- Во новото објавување има „ограничување според возраста“ -
Проф. Финкелштајн за АА изјави дека реагирал до „Јутуб“ во врска со цензурираното видео, по што добил одговор дека „видеото не е соодветно за сите возрасти“. Видеото повторно е објавено, но овојпат со „ограничување според возраста“.
Одговорот што го доби од „Јутуб“, еврејскиот професор го сподели со јавноста, коментирајќи: „Јутуб повторно го сподели видеото од Газа, но го класифицира како порнографија“.
Според тоа, лицата што гледаат видеоснимки на интернет-страницата на „Јутуб“, ќе можат да го видат видеото откако на сајтот ќе се најават со корисничко име и ќе ја потврдат својата возраст.
Видеото на Сана Касем, во времетраење од 4 минути и 40 секунди, покажува како израелските војници за цел ги имаат Палестинците што демонстрираат во Појасот Газа.
- Протести за „Марш на големото враќање“ -
Палестинците од 30 март наваму организираат мирни протести на границата меѓу Појасот Газа и Израел. Меѓутоа, израелските војници, според добиената наредба, пукаат со вистински куршуми врз цивилното население кое бара „враќање на териториите од кои се протерани и отстранување на бесправната блокада која од 2006 година наваму се спроведува врз Газа“.
Од почетокот на протестите на границата на Газа, израелските војници убија 41 Палестинец, а скоро 4.000 демонстранти се ранети.