Riyaz Khaliq Khaliq
07 Февруари 2022•Ажурирај: 08 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ
Турскиот специјален хуманитарен воз со 750 тони помош денес ќе пристигне во Авганистан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Возот тргна од турската престолнина Анкара кон крајот на минатиот месец.
Најмалку 11 турски хуманитарни организации во координација со Управата за управување со катастрофи и вонредни ситуации (АФАД), доставуваат хуманитарна помош во Авганистан, кој се соочува со криза на храна и има потреба од медицинска помош.
Возот измина 4.168 километри преку Иран и Туркменистан за да стигне до Авганистан.
„На околу 12,9 милиони деца во Авганистан им е потребна помош поради екстремните временски услови“, изјави турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу.
Претседателот на турската Црвена полумесечина Керем Киник, исто така, го посети Авганистан минатата недела, каде одржа состаноци на високо ниво за да дискутира околу дистрибуцијата на хуманитарна помош меѓу Авганистанците.
Агенциите за помош ја опишуваат маката на Авганистан како една од најбрзо растечките хуманитарни кризи во светот.
Според ОН, половина од населението сега се соочува со акутен глад, над 9 милиони луѓе се раселени, а милиони деца не посетуваат настава.
Претходно, ОН и нивните партнери започнаа апел за финансирање од 4,4 милијарди долари за да се избегне хуманитарна катастрофа во Авганистан во 2022 година.
Шефот на ОН, Антонио Гутереш, исто така, предупреди дека милиони Авганистанци се на работ на смртта, барајќи од меѓународната заедница да ги ослободи замрзнатите средства на Авганистан и да го започне неговиот банкарски систем.