Besar Ademi
13 Февруари 2017•Ажурирај: 14 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Во скопската касарна „Ѓорче Петров“, во присуство на министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, министерот за одбрана Зоран Јолевски, и американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, се одржа завршната вежба од обуката на припадниците на специјалните единици на Министерството за внатрешни работи и на Армијата на Република Македонија со инструктори од специјалните единици на САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Последната вежба на обуката заврши успешно откако специјалните единици неутрализираа симулирана терористичка група.
Министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу рече дека професионалната поддршка и успешната обука претставуваат клучни моменти за законските обврски на полицијата. Тој додаде дека МВР има капацитет да ги исполни сите задачи што ги добива околу јавната и државната безбедност.

„Ние им даваме важност на резултатите и на активностите од оваа обука, затоа што на ваков начин не само што ќе имаме успешни активности и операции, туку се надеваме дека тие ќе се случат во една година, во симетрија со универзалните стандарди коишто сега се прогласени и од САД“, изјави Нухиу.
Во меѓувреме, министерот за одбрана, Зоран Јолевски истакна дека Македонија и САД имаат високо ниво на соработка во секторот за безбедност и дека Министерството за одбрана ќе продолжи да ги зајакнува припадниците на АРМ преку различни обуки. Тој додаде дека ова е првата обука од планираните 27 обуки што ќе се спроведат во партнерство со САД.

„Воспоставена е добра соработка со Командата за специјални операции на НАТО, како и со Командата на САД во Европа“, рече Јолевски, изразувајќи убеденост дека ваквите соработки ќе ги зајакнат припадниците на АРМ.
Од друга страна, амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли изјави дека преку заедничката обука на полицијата и армијата, се зголемуваат нивните вештини, и додаде дека оваа обука претставува добар пример за блиската и долгорочна соработка меѓу Македонија и САД.

„Обуката е дел од заедничките напори на Македонија и на САД во борбата против тероризмот, каде и да се наоѓа. Сите ние многу добро знаеме дека тероризмот претставува внатрешна и надворешна опасност“, истакна Бејли.
Амбасадорот Бејли ја нагласи важноста на состанокот на НАТО кој треба да се одржи оваа недела во Брисел, на кој што министрите за одбрана ќе дискутираат за меѓусебните партнерства, а според Бејли, состанокот ќе донесе голем придонес во борбата против тероризмот.