Furkan Abdula
03 Февруари 2022•Ажурирај: 04 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, ја започна дводневната работна посета на Брисел, во чии рамки се состана со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, на средбата во седиштето на НАТО во Брисел присуствува и министерот за надворешни работи, Бујар Османи и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.
По средбата, Ковачевски и Столтенберг одржаа заедничка прес-конференција.
Премиерот Ковачевски изрази задоволство од можноста при неговата прва посета на Брисел да дојде во НАТО и да се сретне со Столтенберг.
„Членството во НАТО е исполнување на нашата стратешка цел и навистина ми е чест што сум овде во седиштето на НАТО. Да се биде дел од НАТО значи безбедност, сигурност и просперитет за мојата земја и за македонскиот народ“, рече Ковачевски.

Според него, политиката на отворени врати ѝ овозможи на Северна Македонија да ја постигне својата цел, безбедносен успех за Северна Македонија, и за НАТО, станувајќи 30-та членка на НАТО.
Тој рече дека ова достигнување е доказ на слободниот и суверен избор, како и гаранција за националната и регионална стабилност и безбедност на Западен Балкан.
„Денеска сме горди што сме меѓу најбрзите сојузници кои ја завршија воената интеграција во НАТО, особено што остануваме посветени на учеството на операциите и мисиите на НАТО“, нагласи тој.
Ковачевски истакна дека со Столтенберг разговарале и за ситуацијата во и околу Украина, што, според него, претставува закана за европската и меѓународната безбедност.
„Како сојузник на НАТО, ние се придружуваме на повиците до Русија за деескалација и продолжување на дипломатскиот дијалог. Го поддржуваме предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија за состојбата на односите, европската безбедност со фокус на Украина и транспарентност, намалување на ризикот и контрола на оружјето. Целосно го поддржуваме суверенитетот на Украина и нејзиниот територијален интегритет во меѓународно признатите граници“, додаде Ковачевски.
Премиерот на Северна Македонија нагласи дека НАТО е колективна одбранбена алијанса, која ги зближува Европа и Северна Америка во оваа криза.
„Како сојузници, ние сме силни, одлучни и обединети во нашата реакција. Северна Македонија останува цврсто посветена на основачкиот Вашингтонски договор на НАТО и на фундаменталните вредности и принципи на Алијансата“, рече Ковачевски.
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, од своја страна, изразил задоволство од подготвеноста на Северна Македонија активно да учествува во заедничкиот одговор на прашањата од интерес на Алијансата.
Меѓу другото, во владиното соопштение се наведува дека на средбата било потенцирано дека членството во НАТО на Северна Македонија придонесе за регионалната стабилност на Западен Балкан и дека е постигнат огромен напредок во соработката со соседите и особено со сојузниците во Алијансата.