Admir Fazlagic
17 Јуни 2020•Ажурирај: 18 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Премиерот на Република Северна Македонија, по повод навршувањето на две години од потпишувањето на Договорот од Преспа (Договор за решавање на спорот за името), истакна дека со соседот Грција постигнале решение за речиси тридецениското отворено прашање и се поставија основите за подобра и посакувана иднина уште од независноста на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Договорот од Преспа е голема победа на дипломатијата и на Северна Македонија затоа што се расчисти и забрза патот на нашите евроатлантски аспирации. Нашата земја стана членка на НАТО, а ЕУ, и во услови на пандемијата на Ковид-19, ја подготвува преговарачката рамка за нашето членство во ЕУ“, истакна Спасовски во објава на неговиот официјален профил на социјалните мрежи.
„Постигнавме историско решение за меѓународна афирмација на нашите стремежи и за реализација на нашите стратешки цели. Да бидеме дел од семејството држави со силен економски развој и просперитет, со потврден македонски идентитет“, вели премиерот Спасовски.
Тој наведува дека „Македонскиот јазик и македонскиот народ повеќе не се спорни пред ниту еден меѓународен форум или настан. Свои сме на своето, признаени од сите во меѓународната заедница.“
„Со Грција ги отворивме страниците на пријателство. Чекориме на пат како партнери во двете најсилни и највлијателни организации. Го урнавме ѕидот што нѐ делеше и издигнавме пријателство меѓу двете земји и двата народи, пријателство кое како сојузници ќе го чуваме, негуваме и унапредуваме“, додаде Спасовски.
Договорот за решавање на спорот за името со Грција, во 2018 година во јуни, во Преспа, го потпишаа владите на Македонија и Грција. Според Договорот, Македонија го смени своето име во Република Северна Македонија.