политика

Северна Македонија ги ратификува протоколите за членство на Финска и Шведска во НАТО

Предлог-законите за ратификување на протоколите во врска со зачленувањето на Република Финска и Кралството Шведска во НАТО беа дел од дневниот ред на 82. седница на Собранието на Северна Македонија

Abdula Berisha  | 27.07.2022 - Обновена : 28.07.2022
Северна Македонија ги ратификува протоколите за членство на Финска и Шведска во НАТО Фото: Abdula Berisha/AA

СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Северна Македонија ги ратификува протоколите за членство на Финска и Шведска во НАТО, јавува Агенција Анадолија (АА).

Предлог-законите за ратификување на протоколите во врска со зачленувањето на Република Финска и Кралството Шведска во НАТО беа дел од дневниот ред на 82. седница на Собранието на Северна Македонија.

На двете гласања присутни беа 105 пратеници од вкупно 120 пратеници во Собранието. Сто и три од нив гласаа „за“, додека двајца гласаа „против“.

„За“ гласаа сите пратеници од парламентарното мнозинство и поголемиот дел од опозицијата, со исклучок на двајца пратеници на партијата Левица, која е позната по своите антиНАТО-ставови.

Во собраниската сала беше присутен и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како и претставници од дипломатскиот кор.

Владата на Северна Македонија претходно даде согласност за предлогот за зачленувањето на двете скандинавски земји во НАТО.

По гласањето, претседателот на Собранието, Талат Џафери, укажа на тешкотиите со кои се соочи Северна Македонија за време на процесот на зачленување во НАТО, и посака процедурата за ратификување на протоколите да заврши што е можно побрзо во сите земји членки на Алијансата.

„Дозволете ми во мое име, во ваше име и во име на граѓаните на Република Северна Македонија, на нашите две пријателски земји, Република Финска и Кралството Шведска, да им посакам што е можно пократко патување во оваа насока, успех и координација на чекорите во големото семејство наречено НАТО. Честито!“, рече Џафери.

Инаку, Северна Македонија е „најмладата“ членка на НАТО, каде што се зачлени во март 2020 година.

За полноправно членство на Финска и Шведска во НАТО, потребно е да се ратификуваат овие протоколи од страна на парламентите на сите земји членки на НАТО или на други институции, во зависност од законодавните тела на тие земји.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.