Ali Cura
13 Септември 2023•Ажурирај: 14 Септември 2023
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин денеска се состана со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, јавува Анадолу.
Кремљ соопшти дека Путин и Ким се сретнале во космодромот Восточни, модерен објект за лансирање во вселената во регионот Амур на рускиот Далечен Исток.
Ким, кого Путин го пречека во базата, му се заблагодари на рускиот претседател што го покани во Русија и покрај неговиот напорен распоред.
Наведувајќи дека посетата се одржала на важен датум за Северна Кореја, Путин рече:
„Многу ми е драго што ве гледам. Овие значајни настани се 75-годишнината од основањето на Републиката, 70-годишнината од Големата војна за независност и 75-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи.“
Лидерите ги посетија објектите на новата база и ја прегледаа работилницата за склопување на ракетниот носач на комплексот „Ангара“ и комплексот за лансирање.
За време на обиколката на Путин и Ким низ објектите, претседателот на Руската Федерална вселенска агенција (Роскосмос), Јуриј Борисов, и генералниот директор на Оперативниот центар за вселенска инфраструктура, Николај Нестерчук, одржаа презентација.
Ким на подрачјето каде што се наоѓа космодромот Восточни пристигна со специјален воз.
По посетата на вселенската база, лидерите на двете земји разговараа со учество на нивните делегации.