Admir Fazlagic
06 Март 2019•Ажурирај: 07 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) - Кандидатот за претседател на Република Северна Македонија, Блерим Река, одржа заедничка прес-конференција со партиските лидери на опозициските партии од албанскиот политички блок, Алијансата за Албанците и Движењето „Беса“, Зијадин Села и Билал Касами, при што истакна дека е завршена постапката за собирањето на потребните потписи за претседателската кандидатура, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање на прес-конференцијата, Река рече дека неговиот концепт со кој ќе ја побара поддршката од граѓаните на претстојните претседателски избори е владеење на правото, наместо владеење на поединецот.
„Нудиме концепт за враќање на републиканизмот на републиката. Ние сме за евроатлантска и мултиетничка република“, изјави Река.
Претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, рече дека универзитетскиот професор Блерим Река е претседателски кандидат кој има концепт за разививање на државата.
„Ако некој бара консензуален претседател, тоа е господинот Река. Ако некој бара заеднички кандидат, тоа е господинот Река. Не е инициран од политички партии, туку е инициран од желбата за подобра иднина на нашите деца“, рече Села.
Претседателот на Движењето „Беса“, Билал Касами, рече дека е за поздравување определбата на Река да се кандидира за претседател на Северна Македонија, без да знае дали ќе има поддршка од политичките партии.
„Ние сме тука тој негов потег да го охрабриме, да ги охрабриме сите други политички партии да го поддржат, поради тоа што тоа не е партиска кандидатура, не е член на ниту една од партиите што го поддржуваат“, изјави Касами.
Изминатата недела, партиите од владејачката коалиција, Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и Демократската унија за интеграција (ДУИ), објавија дека нивен заеднички кандидат за претстојните претседателски избори е Стево Пендаровски, актуелниот национален координатор за подготовка на Северна Македонија за членство во НАТО. Кандидатурата на Пендаровски беше официјализирана и потврдена и на конгресот на СДСМ, кој се одржа на 3 март.
Премиерот Зоран Заев истакна дека за првпат во историјата на земјата се обединиле различните и застанале зад еден кандидат.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ на претседателските избори ќе настапи со натпартиски кандидат, универзитетската професорка по Уставно право, Гордана Силјановска-Давкова, која беше претставена на партиски конгрес на 16 февруари.
Кандидатите за претседател на Република Северна Македонија до Државната изборна комисија треба да ги поднесат кандидатурите најдоцна до 21 март, а изборната кампања треба да почне на 1 април.
За официјализирање на претседателската кандидатура потребно е претендентите за претседател на државата да достават 10.000 граѓански или 30 пратенички потписи.
Првиот изборен круг за шестите претседателски избори во земјата е закажан за 21 април, а вториот за 5 мај оваа година.