Fatjon Cuka
02 Јули 2019•Ажурирај: 03 Јули 2019
ТИРАНА (АА) - Претседателот на Албанија, Илир Мета, во врска со локалните избори одржани на 30 јуни, рече дека граѓаните немаа можност да избираат, и според него, ова е одговорност на сите страни, јавува Anadolu Agency (AA).
Мета на прес-конференција зборуваше за неговиот став за локалните избори кои тој одлучи да ги откаже и ги понуди своите предлози за решение на кризата, предложувајќи одржување и на општи и на претседателски избори на 13 октомври, на датумот којшто тој го определи како друг ден на одржување на локалните избори, откако го поништи декретот за изборите на 30 јуни.
„Прво, треба да ни биде јасно дека овие беа социјалистички избори. За мене демократијата не е предмет за преговарање и не преговарам за демократијата со ниту еден Албанец, со ниту една амбасада, со ниту една држава, ни со целиот свет. Затоа што ако јас сум тука, сум, благодарение само на демократијата. Тогаш изборите ќе бидат на 13 октомври. Декретот на претседателот може да го оспори само Уставниот суд“, рече Мета.
Тој изјави дека државата бара решение на кризата и додаде „Сум правел напори за секакво решение. Повторно јас го давам мојот предлог како претседател во интерес на сите Албанци кои сакаат да го остварат своето право за избор на сите управители и нивни претставници. Тие немаа можност да избираат на поништените избори и ова е одговорност на двете страни.“
Зборувајќи за неговиот предлог за решение на кризата, Мета рече дека и тој ќе се кандидира на претседателските избори на 13 октомври за кои најави дека ќе се одржат заедно со општите избори.
- Последните случувања во Албанија
Потсетуваме, албанската опозиција, Демократската партија (ДП) и Социјалистичкото движење за интеграција (СДИ), по бојкотот на албанскиот Парламент од месец февруари организираа неколку протести кои беа проследени и со тензии, со барање да има преодна влада и предвремени парламентарни избори, а истовремено одлучија да ги бојкотираат и локалните избори.
По овие настани, претседателот на Албанија, Илир Мета, одлучи да ги откаже изборите закажани на 30 јуни оваа година. Меѓутоа, премиерот на Албанија, Еди Рама, кој е лидер на владејачката Социјалистичка партија, се спротивстави на таа одлука на претседателот Мета и ја продолжи предизборната кампања за локалните избори кои беа закажани за 30 јуни.
Во меѓувреме, по поништувањето на изборите, по барање на Социјалистичката партија предводена од премиерот Еди Рама, албанското Собрание отпочна постапка за разрешување на претседателот Мета, со образложение дека декретот за откажување на изборите е против Уставот и уставните начела.
Локалните избори за градоначалници на 61 општина и за членови на општинските совети се одвиваа според првиот декрет на претседателот на земјата, Илир Мета. Новиот декрет, со кој како датум за одржување на изборите беше одреден 13 октомври, не беше поддржан од страна на Рама и од поголемиот дел на членовите на Централната изборна комисија на оваа земја.
На изборите учествува владејачката Социјалистичка партија на Албанија (ПС), предводена од премиерот Еди Рама, која ја води коалицијата наречена Алијанса за европска Албанија, заедно со некои нејзини сојузнички партии.
Од друга страна, главните опозициски партии, Демократската партија (ПД) и партијата Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ), ги бојкотираа локалните избори, а дел од изборниот процес беа и неколку други опозициски парламентарни и вонпарламентарни партии.