Abdula Berisha
26 Април 2023•Ажурирај: 27 Април 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу, која престојува во дводневна официјална посета на земјата, пренесува Анадолу.
Како што соопшти Кабинетот на Џафери, на средбата присуствувале потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и претседателот на Пратеничката група за соработка со Собранието на Косово, Африм Гаши.
„Џафери упати честитки за визната либерализација со Европската Унија, со која граѓаните на Косово ќе можат слободно да патуваат во земјите на ЕУ и оцени дека одлуката е од суштинско значење за интеграцијата на Косово во ЕУ", стои во соопштението.
Исто така, претседателот на Собранието на Северна Македонија изразил задоволство од одличните билатерални односи на сите полиња и големиот интензитет на меѓусебни средби на високо политичко ниво.
„Пријателските односи се пресликани и во плодната и фреквентна соработка на Собранието на Република Северна Македонија и Собранието на Република Косово меѓу претседателите на двата законодавни дома, комисиите и групите за пријателство и соработка", се вели во соопштението.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, нагласи дека Северна Македонија претставува пример и модел за останатите земји од регионот, особено на планот на меѓуетничките односи.
„Претседателката Османи Садриу се заблагодари на континуираната поддршка од земјава за членството на Република Косово во меѓународните организации и нагласи дека поддршката од пратениците на Собранието на Република Северна Македонија ќе биде од големо значење за зачленувањето на Косово во Советот на Европа. Од претседателот Џафери таа побара поддршка и за учество на Косово во Кримската платформа“, стои во соопштението.
Џафери и Османи Садриу се осврнаа на економската соработка меѓу двете земји, како и потребата за заокружување на инфраструктурното поврзување и подобрувањето на капацитетите на граничните премини, со воведување на концептот на заеднички контроли, со што во дополнителна мера ќе се олесни комуникацијата меѓу граѓаните и бизнис-заедницата од двете држави.
Соговорниците разменија информации за актуелните случувања во двете земји и се заложија за побрза реализација на договорите постигнати на заедничката седница на Владите на Северна Македонија и Косово.
Претседателката на Косово, Вјоса Османи-Садриу, исто така одржа говор пред пратениците во македонското Собрание.