Furkan Abdula
18 Ноември 2021•Ажурирај: 18 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Михаел Линхарт, федералниот министер за надворешни работи на Австрија, кој престојува во официјална посета во Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, на состанокот бил нагласен и поздравен особениот придонес на премиерот Заев во стабилноста на Северна Македонија и на регионот.
Се додава дека на средбата била истакната и силната поддршка од Австрија за продолжување на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и конкретно, за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, во декември годинава.
Според соопштеното, изразен бил и голем интерес од австриска страна за нови инвестиции во Северна Македонија.
„Премиерот Заев се заблагодари за големата, пријателска, принципиелна поддршка од Австрија, како еден од најголемите поддржувачи на евроатлантските перспективи на Северна Македонија и меѓу најголемите инвеститори во државава, но и за покажаната солидарност во време на пандемијата“, се вели во соопштението.
„Сработивме на реформски план, покажавме лидерство во решавањето на добрососедските односи низ дијалог, пример сме во регионот за функционално мултиетничко општество едно и еднакво за сите и очекуваме од Европската Унија да го испорача ветеното и во најскоро време да ги почнеме преговорите со ЕУ. Имаме стабилно парламентарно мнозинство, очекуваме и зголемување на мнозинството, не очекуваме предвремени парламентарни избори – напротив, до редовните избори во јуни 2024 година Владата ќе се посвети на силен развој на економијата“, порачал Заев на средбата.
Како што се наведува во соопштението, Заев во таа насока ги објаснил и поволностите и поддршката што ја имаат инвеститорите од државата.
„Претставниците од бизнис-делегацијата изразија посебен интерес за можните инвестиции во енергетиката и особено во делот на обновливите извори на енергија“, се додава во соопштението на Владата на Северна Македонија.