политика

Пендаровски оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел

„Двајцата претседатели се согласија дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи отворање на првата фаза од пристапните преговори, со што фактички ќе се одблокира ЕУ-интеграцијата...“

Husamedin Gina  | 05.07.2022 - Обновена : 06.07.2022
Пендаровски оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, кој престојува во еднодневна посета на Република Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

На средбата, според соопштението од Кабинетот на претседателот, е разговарано за актуелните политички случувања во Северна Македонија, за предизвиците во однос на европските перспективи на земјата и за предлогот на ЕУ за почеток на пристапните преговори со Европската Унија.

Претседателот Пендаровски ја поздрави посетата на Мишел, карактеризирајќи ја како показател за посветеноста на Европската Унија, и информираше за текот на широкиот консултативен процес што се води во однос на францускиот предлог, како и за атмосферата во општеството по тоа прашање.

„Двајцата претседатели се согласија дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи отворање на првата фаза од пристапните преговори, со што фактички ќе се одблокира ЕУ-интеграцијата на нашата земја. Покрај ова, отворањето на првата фаза ќе претставува натамошен поттик за напредокот и просперитетот на Северна Македонија, но ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан“, се нагласува во соопштението.

Соговорниците разменија мислења во контекст на загриженоста што постои кај граѓаните во однос на идентитетските прашања, за што претседателот Пендаровски потенцираше дека македонскиот јазик и идентитет мора да бидат почитувани и гарантирани од страна на ЕУ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.