политика

Мишел: „Ако кажете да, првата меѓувладина конференција ќе биде организирана во следните неколку дена“

„Преговорите со Европската Унија ќе можеме да ги започнеме веднаш по донесувањето на нашата одлука за прифаќање на предлогот. Од овие причини, не треба повеќе да чекаме. Да ја искористиме историската шанса за напредок на државата“

Abdula Berisha  | 05.07.2022 - Обновена : 06.07.2022
Мишел: „Ако кажете да, првата меѓувладина конференција ќе биде организирана во следните неколку дена“ Фото: Abdula Berisha/AA

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, престојува во Скопје, при што присуствуваше на Владината седница на која заедно со премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, и членовите на Владата, дискутираа за европскиот предлог со кој ќе се овозможи почеток на преговорите за членство на земјата во Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).

По завршување на седницата, Мишел и Ковачевски одржаа заедничка прес-конференција.

Премиерот Ковачевски изјави дека ревидираниот француски предлог кој што е усвоен од сите земји членки на ЕУ и со тоа се претвора во европски предлог, ги содржи забелешките на Владата на Северна Македонија.

Тој го оцени предлогот за поволен, истакнувајќи дека со европскиот предлог јасно и недвосмислено се прифаќа македонскиот јазик, додавајќи дека предлогот ги става билатералните историски прашања надвор од преговарачката рамка.

„Преговорите со Европската Унија ќе можеме да ги започнеме веднаш по донесувањето на нашата одлука за прифаќање на предлогот. Од овие причини, не треба повеќе да чекаме. Да ја искористиме историската шанса за напредок на државата, да размислуваме рационално, мудро и одговорно“, изјави Ковачевски.

Претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, изјави дека доаѓа во Скопје во клучен момент за Северна Македонија и за ЕУ.

Тој рече дека иднината на сите ќе биде посигурна и попросперитетна со Западниот Балкан како дел од ЕУ.

„Минатата недела, Европскиот совет предложи ревидирано компромисно решение и лично, јас сум апсолутно убеден дека ова е балансирано решение кое ги адресира вашите главни грижи“, рече Мишел.

Тој ја истакна желбата Северна Македонија да стане земја членка на ЕУ, додавајќи дека неговата цел е да се забрза процесот.

Мишел рече дека Северна Македонија одлучува сама за нејзината иднина, додавајќи дека според негово мислење, земјата припаѓа во ЕУ.

„Ако вие кажете да, првата меѓувладина конференција ќе биде организирана во следните неколку дена и ќе се спроведе одлуката од март 2020 година, а следните чекори ќе следат веднаш. Најзначајно, ќе започне процесот на скрининг. Не само ажурираниот истражувачки скрининг, туку и билатералниот скрининг“, изјави Мишел.

Претседателот на Европскиот совет во рамки на посетата на Скопје оствари средба и со претседателот на државата, Стево Пендаровски, и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Европските институции во март 2020 одлучија да се започнат пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Но, Бугарија стави вето на процесот поради историските прашања со Северна Македонија.

- Ковачевски повика да не се повторат инцидентите од 2017 година во Собранието -

Премиерот Ковачевски на прес-конференцијата ги коментираше и протестите кои веќе неколку дена се одржуваат пред Владата на Северна Македонија.

Тој рече дека протестите се организирани од политички партии кои што јасно застанале против членството на Северна Македонија во НАТО и ЕУ.

Ковачевски нагласи дека Северна Македонија е демократска држава и граѓаните имаат право да протестираат, но повика на мирни протести.

„Никогаш не се случило, освен еднаш, и ова е втор пат, да протестираат луѓе кои што носат качулки, коишто гаѓаат по полиција, да имаме повредени полицајци“, рече Ковачевски.

Тој потсети на инцидентите во Собранието на Северна Македонија на 27 април 2017 година, кога демонстрантите насобрани пред Собранието, меѓу кои имаше и маскирани лица, влегоа во Собранието и ги нападнаа пратениците.

Ковачевски истакна дека тоа не смее да се повтори во една земја што е членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.