Kristina Maslareviç
16 Мај 2016•Ажурирај: 17 Мај 2016
БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија, Томислав Николиќ, во текот на состанокот со помошникот министер за надворешни работи на Кина, Ли Хејсинг, се согласи дека претстојната посета на кинескиот претседател Си Џинпиг на Белград, која се очекува за почетокот на јуни, е „историска и дека односите на двете земји дополнително ќе се зацврстат и продлабочат”, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Србија во текот на состанокот рече дека доаѓањето на кинескиот претседател е многу важна порака која сведочи за тоа колку Кина го цени пријателството со Србија и додаде дека односите помеѓу двете држави се во една нагорна линија.
„Кина можеби има поголем обем на размена и инвестиции со други земји, но тешко дека ќе најде земја во која ужива поголемо почитување”, рече Николиќ говорејќи за исклучителните политички односи помеѓу двете земји.
Додаде дека постои „согласноста за важни политички прашања, како што се взаемната поддршка на територијалниот суверенитет и интегритет, непрекинато трае долга низа години и претставува силен темел за унапредување на односите и во другите сегменти”.
Николиќ посебно го нагласи задоволството од принципиелниот став на Кина за непризнавањето на независноста на Косово и рече дека Србија со големо уважување гледа на развојот и напредокот на пријателска Кина.
„Кина и покрај напорите го зачува стабилниот тренд на развојот. Србија е одлично место за инвестиции од Кина и поседува бројни компаративни предности за вложување и производство”, рече Николиќ во текот на состанокот.
Како што се наведува во соопштението на Службата за медиуми на претседателот на Србија, Николиќ потсетил и на многу важниот проект за изградба на пловен пат помеѓу Дунав и Егејското Море.
Помошникот министер за надворешни работи на Кина, Ли Хеисинг, му ги пренесе на Николиќ искрените поздрави од претседателот на Кина, оценувајќи дека од неговото доаѓање на чело на државата, соработката помеѓу двете земји достигнала ново ниво.
Како што наведе Хејсинг, официјалната посета на претседателот на Србија на Кина претставува силен сигнал за искрено пријателство.
„Ние високо ја цениме поддршката на Србија на политиката на Кина и разбирањето околу прашањето за Јужнокинеското Море. Истовремено Кина има цврст став за поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија и посветеноста кон дијалогот, како единствен начин за решавање на проблемите со Косово”, рече Хејсинг.
Хејсинг нагласи дека раководството на Кина ќе продолжи да ги поддржува инвестициите во Србија и додаде дека проектите кои се во тек многу добро се одвиваат.
Ли Хејсинг денес се состана и со премиерот на Србија, Александар Вучиќ, со кој разговараше за престојната посета на претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг, а во текот на тој состанок нагласи дека доаѓањето на кинескиот претседател во Србија е од исклучителна важност бидејќи претставува прва посета по 32 години.
Како што соопшти Службата за медиуми на премиерот на Србија, претседателот на Кина својата посета на Европа ќе ја започне со посетата на Србија.