Ekipa
28 Јуни 2016•Ажурирај: 29 Јуни 2016
БРИСЕЛ (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека со сета „своја сила“ ќе се бори за да го спречи понатамошното разединување на Европската унија, по одлуката Велика Британија да ја напушти заедницата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето на Европскиот парламент, пред состанокот на лидерите на ЕУ, Меркел изјави дека очекува Велика Британија да ги задржи „блиските односи" со ЕУ откако ќе ја напушти, Лондон треба да знае дека не може да очекува ист пристап во деловната соработка како што тоа било претходно.
„Секој кој ќе го напушти ова семејство не може да очекува дека ќе ги задржи привилегиите, а да нема обврски", рече Меркел.
Германската канцеларка повтори дека не можат да се започнат преговори со Велика Британија за излез од ЕУ, додека Лондон формално не ја започне процедурата.
Шефот на Европската комисија Џан Клод Јункер ја повика денеска Велика Британија што поскоро да се „изјасни за својата позиција" по прашањето на Брексит.
Јункер пред Европскиот парламент рече дека Велика Британија останала пријател со ЕУ, но дека „мора да се изјасни како би се избегнала неизвесноста".
Во необврзувачка нацрт резолуција на ЕП се наведува дека процесот на излез на Велика Британија од блокот кој го сочинуваат 28-те членки на ЕУ треба да започне штом премиерот на Британија,Дејвид Камерон денеска ги исвести европските лидери за резултатите од референдумот одржан на 23 јуни.
Британскиот премиер ќе зборува за последиците од Брексит и патот кој претстои на самитот на ЕУ во Брисел. Се очекува челниците на ЕУ од Камерон да побараат што е можно порано Велика Британија службено да побара излез од Унијата.