Zülfiya Yakup
06 Октомври 2019•Ажурирај: 06 Октомври 2019
ПРИШТИНА (AA) – Според податоците на Централната изборна комисија, излезноста на предвремените парламентарни избори на Косово до 11 часот изнесуваше 9,64 отсто, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателката на Централната изборна комисија (ЦИК), Валдете Дака, на конференцијата за новинарите соопшти дека до 11 часот своето право на глас го искористиле 174.669 гласачи или 9,64 отсто.
„Врз основа на податоците кои ги добивме од 95 отсто од гласачките места, бројот на гласачи што гласаа до 11 часот е 174.699 или 9,64 проценти од 1.937.568 гласачи“, рече Дака.
Таа наведе дека до истиот временски период на предвремените парламентарни избори во 2017 година излезноста изнесувала 8,45 отсто од гласачите.
Дака истакна дека процесот на гласањето се одвива нормално, но дека имало неколку изолирани инциденти.
Претходно, Државното обвинителство на Косово соопшти дека во Северна Митровица, по налог на обвинител, приведени се двајца дежурни функционери осомничени за извршување на кривичното дело „злоупотреба на службената положба во текот на изборите“.
Тој инцидент се случи во училиштето „Свети Сава“.
- Кандидатите за премиер на Косово го искористија своето право на глас
Исто така, кандидатите за премиер на Косово го искористија своето право на глас на предвремените парламентарни избори во оваа земја.
По гласањето, кандидатите дадоа изјава за медиумите во која упатија апел до граѓаните да излезат да гласаат, нагласувајќи дека денешниот ден е историски и важен за оваа земја.
Кандидати за премиер на Косово се: кандидатка на Демократската лига на Косово (ЛДК) е Вјоса Османи; кандидат на Движењето Самоопределување е Албин Курти, кандидат на Алијансата за иднината на Косово (ААК) е Рамуш Харадинај, кандидат на коалицијата Нисма-АКР-ПД е Фатмир Лимај, а кандидат на Демократската партија на Косово (ПДК) е Кадри Весели.
Своето право на глас го искористи и претседателот на Косово, Хашим Тачи.