Ivana Ramadanova
04 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати честитка до претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, по повод Денот на независноста на САД, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во честитката, претседателот Иванов изразува увереност дека во претстојниот период билатералните односи меѓу двете држави ќе се развиваат со уште посилна динамика, отворен и конструктивен дијалог на заемно разбирање и доверба и поцврсти и поинтензивни економски врски.
„Заложбите за полноправно членство на Република Македонија во НАТО Алијансата и евроатлантските интегративни процеси се фокусните точки на нашето континуирано политичко дејствување, за чие остварување очекуваме, и во иднина, отворена поддршка од страна на пријателските Соединети Американски Држави. Господине претседател, и во оваа пригода сакам да потенцирам дека Република Македонија високо ја цени улогата на Соединетите Американски Држави на глобален план, и сакам да Ве уверам дека целосно сме посветени на зацврстување и на содржинско збогатување на стратегиското партнерство со Вашата голема нација. Бидете уверени дека сме подготвени за тесна и конструктивна соработка на тој план“, се вели во честитката на претседателот Иванов.