Admir Fazlagic
16 Јануари 2019•Ажурирај: 16 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - По објавувањето на Законот на ратификација на спогодбата од Преспа и Законот за употреба на јазиците во Службен весник на Република Македонија, писмено реагираше претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Објавувањето на Законот за употреба на јазиците и на Законот за ратификација на спогодбата од Преспа во Службен весник без потпис на указ од Претседателот на Република Македонија се противуставни. Со доставувањето на овие два закона во Службен весник е прекршен член 75 од Уставот на Република Македонија, додека објавувањето на законите е направено незаконски и претставува основа за кривично гонење", вели Иванов во писменото соопштение.
„Ова е момент кој ќе покаже дали во Република Македонија постои Уставен суд, дали функционира обвинителството, дали има независно судство и дали постои владеење на правото. Се прашувам, дали високите претставници на меѓународната заедница, кои ја поддржуваат оваа владина коалиција, ќе се јават и ќе го поддржат овој начин на донесување на закони? Дали ќе ги поддржат овие преседани, што носат несогледливи последици и штета по правото и правната држава и дали вакви преседани применуваат во сопствените држави?", пишува во соопштението.
„Доцна синоќа имавме можност да го видиме вистинското лице на владината коалиција на СДСМ и ДУИ која себеси се смета за проевропска", се наведува во соопштението на претседателот Иванов.
Одлука за прогласување на амандманите 33, 34, 35 и 36 на Уставот на Република Македонија, објавена е во саботата во шестиот број на Службен весник на Република Македонија, а денеска во Службен весник на Република Македонија беше објавен и Законот за употреба на јазиците.
Претходно, во текот на минатата година, Законот за употреба на јазиците и Законот за ратификација на Договорот од Преспа во минатото два пати беа изгласани во Собранието на Република Македонија. Претседателот Иванов одби да ги потпише законите со образложение дека се противуставни.