Ivana Ramadanova
08 Април 2016•Ажурирај: 09 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Амбасадорите на САД и на ЕУ, Џес Бејли и Аиво Орав, преку заедничка изјава ги повикаа политичките лидери да го спроведат тоа што го потпишаа и да обезбедат услови за кредибилни избори, додавајќи дека со тоа имаат одговорност пред своите граѓани да ја вратат земјата назад на евроатлантскиот пат, јавува Anadolu Agency (AA).
„ЕУ и САД ги поддржуваат сите партии и другите учесници во процесот на нивната работа за создавање услови за кредибилни избори. Ова подразбира прочистување на избирачкиот список, спречување на било каква форма на заплашување или притисок врз гласачите и обезбедување фер медиумско покривање. Извесен прогрес е направен на овие полиња, но останува уште многу работа. Тоа е одговорност, не само на државните институции да подготват кредибилни избори, туку и на политичките партии. На 6 април се пропушти таква можност“, се вели во писмената реакција на америкаснкиот амбасадор Џес Бејли и на европратеникот Аиво Орав.
Тие порачуваат дека заедно со другите меѓународни партнери, ЕУ и САД ќе продолжат да поддржуваат демократски развој, што вклучува и избори и ја поздравуваат работата на Државната изборна комисија, како и напорите на граѓанското општество во унапредување на оваа цел. Американската амбасада и ЕУ најавуваат и дека одблиску ќе ги следи случувањата и ќе продолжи да ги споделува своите гледишта.