Admir Fazlagic
02 Април 2019•Ажурирај: 02 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) - Грчкиот премиер Алексис Ципрас пристигна во официјална посета на Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
На Меѓународниот аеродром Скопје Ципрас беше пречекан од владина делегација предводена од министерката за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска, и министерот за економија Крешник Бектеши.

Грчкиот премиер Ципрас, пред платото на Владата на Северна Македонија ќе биде пречекан со свечена церемонија од страна на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев и од владината делегација, по што ќе следува состанок на владините делегации предводени од двајцата премиери.
По состанокот на владините делегации, најавена е заедничка-прес конференција на премиерите Заев и Ципрас.
По средбата со Заев, според агендата, Ципрас ќе се состане со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери.
Последната заедничка активност во рамките на официјалната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас на земјата е бизнис-форумот на македонски и грчки бизнисмени. Обраќања на форумот ќе имаат премиерите Заев и Ципрас.
Ова е прва официјална посета на грчки премиер на Република Северна Македонија.
Потсетуваме, во јуни минатата година Македонија и Грција го потпишаа Преспанскиот договор со кој се решава повеќедеценискиот спор за името кој датира уште од прогласувањето на независноста на Македонија од поранешна Југославија во 1991.
Според Договорот, Македонија го смени своето уставно име во Република Северна Македонија, а на 12 февруари оваа година македонската Влада информираше дека влегува во сила Преспанскиот договор.