Kristina Maslareviç
06 Јули 2016•Ажурирај: 07 Јули 2016
БЕЛГРАД (АА) - Србија не е и нема да биде паркинг за мигранти, како ни простор во кој се влегува и излегува неконтролирано, но е земја која безусловно и буквално ги спроведува своите и меѓународните закони што се однесува до мигрантите, изјави министерот за труд, вработување, боречки и социјални прашања во Владата на Србија, Александар Вулин, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој во изјавата за новинарите наведе дека бројот на мигрантите во Србија не е зголемен, но сè додека постои „и еден единствен мигрант во Србија или било која друга земја”, не може да се каже дека мигрантската криза е завршена.
„Погледнете со свои очи и нема да видите илјадници луѓе кои се обидуваат да преминат преку нашата територија и дека она што го гледавме пред една година, сега не го гледаме” рече Вулин и додаде, „Србија не може да влијае на почетокот и крајот на мигрантската криза”.
„Унгарија ја зајакна контролата на своите граници и оние нелегални мигранти кои ќе ги пронајде на територијата на својата земја во длабочина од осум километри ги враќа во транзитната зона, односно на своја територија, каде што добиваат можност легално да побараат азил” , изјави Вулин.
Тој потсети дека секој мигрант има право да побара азил на територијата на Србија и дека, доколку побара азил, ќе биде сместен во прифатни центри одредени од државата, каде што ќе се разгледува нивното барање.