Furkan Abdula
26 Април 2022•Ажурирај: 27 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Северна Македонија денес одржа тематска владина седница на која беа промовирани постигнувањата во рамките на 100 дена мандат на новата Влада, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На оваа седница, претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, меѓу другото се осврна и на војната што Русија ја започна против Украина.
„Северна Македонија како земја членка на НАТО целосно ја усогласи својата надворешна политика со Европската Унија. Ги донесовме сите одлуки усогласени со земјите членки на НАТО и на ЕУ, бидејќи сметаме дека е од особена важност во време на воена криза од вакви размери сите држави сојузници да делуваат обединето и да ја даваат својата поддршка на Украина“, истакна премиерот Ковачевски, се вели во владиното соопштение.
Ковачевски посочи дека Северна Македонија како земја членка на НАТО заедно со ЕУ е обединета во одговорот, силно осудувајќи ја воената агресија на Русија, „која е неиспровоцирана, неоправдана и е сериозно кршење на меѓународното право“, и искажувајќи поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Тој оцени дека војната во Украина во практика покажала колку за Северна Македонија е важно членството во НАТО, дека безбедноста и сигурноста на државата се загарантирани и стабилни, а дека Армија ги развива капацитетите и постигнува високи резултати.
Ковачевски додаде дека во рамките на вежбата „Блесок 22“, лесниот пешадиски баталјон на Првата пешадиска бригада е оценет како „борбено способен за извршување на своите задачи“ во согласност со највисоките стандарди на НАТО.
„Согласно НАТО-стандардите, продолжуваат и вложувањата во подобри услови за секој припадник на Армијата. Исто така во изминатите три месеци тековно се реализираа и финализираа поголем број на капитални инвестиции во објекти на Армијата“, се нагласува во соопштението.
„Ставен е во потполна оперативна готовност системот за интегрирана противвоздушна и ракетна одбрана на НАТО. Министерката за одбрана застана на чело на Координативното тело за учество на Северна Македонија во системот на НАТО за одговор на кризи, чија задача е координација со домашните институции и сојузниците во Северноатлантската алијанса за справување со моменталната криза на европско тло, одвраќање и оневозможување на прелевање на конфликтот на територијата на земјите членки на НАТО“, рече Ковачевски.
Тој истакна дека за време на целиот овој период во услови на руска инвазија врз Украина и нарушена европска безбедност, Северна Македонија застанала на вистинската страна на историјата.
Ковачевски рече дека за време на украинската војна успешно биле решени прашањата што се отворија, а се однесуваа на мапирање и евакуација на 90 отсто од државјаните на Северна Македонија и нивните семејства од Украина.
„Воедно, брзо и ефикасно беше овозможена поддршка за сите украински граѓани кои побараа прибежиште кај своите пријатели или семејства во Северна Македонија. Подготвеноста за евентуален бегалски бран е неспорна и државата веќе донесе одлуки на оваа тема. Ние сме подготвени да дадеме поддршка и во оваа смисла. Бидејќи Северна Македонија е земја на солидарност“, нагласи Ковачевски.
Тој посочи дека во тесна соработка со НАТО и меѓународните мировни организации, Северна Македонија прифати вкупно 793 авганистански државјани за кои потоа беше обезбедена неопходната логистика за да бидат префрлени на нивните трајни дестинации.
Во рамки на прашањата за надворешната политика на државата, на денешната тематска седница, на која членовите на Владата ги презентираа постигнувањата, беше истакнато и дека од голем број државјани на Северна Македонија позитивно беше оценето унапредувањето на проектот „Мобилни станици“, при што беа инсталирани и ставени во употреба девет базни и пет мобилни станици, директно поврзани преку Министерството за надворешни работи со Министерството за внатрешни работи, за овозможување на вадење патна исправа во скратен период од три до четири недели, наместо шест месеци колку што беше потребно претходно.
„Војната во Украина покажа дека политиката на отворени врати на НАТО беше историски успех, кој обезбедува траен мир и безбедност на целиот европски континент. Аналогно на тоа, сметаме дека проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата, и затоа на сите форуми и средби со нашите меѓународни сојузници и партнери истакнуваме дека е од исклучителна важност за Северна Македонија да започне преговори за пристапување во ЕУ. Без натамошни одложувања“, рече Ковачевски, акцентирајќи дека со партнерите на Северна Македонија од Унијата се усогласени и го делат ставот дека проширувањето со Западен Балкан како никогаш досега е геостратешко прашање.
Посочувајќи ги мерките и политиките што оваа Влада ги донесе во првите три месеци, Ковачевски го истакна активното работење на превод на правото на ЕУ, неопходните усогласувања со националното законодавство и други документи.
„Активно работиме и на придонесот кон годишниот Извештај на Европската комисија за земјата, при што сите доставени документи од надлежните институции за точно 39 поглавја, согласно новата методологија на Европската комисија (ЕК) се проверени, доработени и компилирани и по одобрување од Владата ќе бидат доставени до ЕК“, заклучи Ковачевски.