Stipe Mayiç
14 Октомври 2016•Ажурирај: 15 Октомври 2016
ЗАГРЕБ (АА) - На конститутивната седница на хрватскиот Парламент денеска Божо Петров, досегашен челник на МОСТ, со волјата на мнозинството претставници е избран за претседател на 9. состав на хрватскиот Парламент, со што е конституиран и новиот состав на парламентот, јавува Anadolu Agency (AA).
На конститутивната седница на Собранието присуствуваа 145 пратеници, од вкупно 151, што беше доволно за кворум и зa гласање за нов претседател на овој највисок државен орган.
Во гласањето Божо Петров го поддржаа 132 пратеници, еден пратеник беше против, а 12 воздржани. Против беше пратеникот од Живиот ѕид Иван Пернар, додека неговите колеги беа воздржани.
Откако поранешниот претседател на хрватскиот Парламент, Жељко Реинер, му ја предаде должноста на Петров, интонирана е националната химна и одржано е едноминутно молчење за првиот хрватски претседател Фрањо Туѓман.
„Ќе се залагам за проширување на соработката на Собранието со јавноста, со синдикатите и со медиумите, сè со цел зголемување на својот кредибилитет", рече Петров во своето обраќање пред пратениците.
Тој истакна дека националниот парламент, и покрај критиките, сè уште е најсилно средство на националниот суверенитет.