Rania R.a. Abushamala
22 Мај 2024•Ажурирај: 23 Мај 2024
ЕРУСАЛИМ (АЛ КУДС) - Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, го напушти Израел разочаран по разговорите со израелските официјални лица за судирот во Појасот Газа, објавија израелските медиуми, пренесува Анадолу.
„Саливан сфаќа дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нема стратегија за завршување на војната во Газа“, објави израелскиот јавен сервис КАН, повикувајќи се на изјава на неименуван израелски официјален претставник.
Американскиот советник Саливан стигна во Израел во неделата во рамките на регионалната турнеја која ја вклучуваше и посетата на Саудиска Арабија. Тој разговараше со највисоките израелски официјални претставници, вклучувајќи ги и Нетанјаху, министерот за одбрана Јоав Галант и членот на израелскиот воен Кабинет, Бени Ганц.
„Саливан постави за дискусија низа прашања, вклучувајќи го и нападот на Рафа и договорот за заложници“, објави КАН.
Истиот извор наведе дека големо прашање кое ја загрижува американската администрација е тоа што ќе биде 'ден подоцна' во Газа и има ли Израел стратегија да ја заврши војната.
„Нормализацијата на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија исто така беше меѓу прашањата за кои разговараше американскиот советник за време на посетата“, наведува КАН.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, изјави дека Саливан направил значителен напредок кон голем билатерален безбедносен договор меѓу САД и Саудиска Арабија во текот на викендот. Тој признал дека не може да го каже истото тоа и за преговорите за палестинското прашање.