Министерот за одбрана Мисајловски оствари средба со командантот на КФОР
„Оваа НАТО-мисија е исклучително значајна за уште постабилен и побезбеден регион. Остануваме посветени на нашиот придонес кон КФОР и логистичката поддршка што ќе ѝ ја даваме на оваа мисија и во иднина“

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за одбрана на Република Северна Македонија (РСМ), Владо Мисајловски, оствари средба со командантот на НАТО-мисијата на Косово, КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани, пренесува Анадолу.
Министерството за одбрана соопшти дека на средбата се разговарало за значајната улога на мисијата на КФОР во зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на Косово, а со тоа и на целиот регион.
„Оваа НАТО-мисија е исклучително значајна за уште постабилен и побезбеден регион. Остануваме посветени на нашиот придонес кон КФОР и логистичката поддршка што ќе ѝ ја даваме на оваа мисија и во иднина“, истакна Мисајловски.
Тој посочи дека во време на сериозни геополитички промени и нестабилност, од приоритетно значење е сигурен и безбеден регион, додавајќи дека Северна Македонија ќе продолжи да биде столб на безбедноста на Балканот.
Со оглед на тоа што мандатот на генералот Бардуани како командант на КФОР завршува наскоро, Мисајловски му се заблагодари „за одличната соработка и координација поврзана со македонскиот контингент во оваа мисија“.
Генералот Бардуани, од своја страна, истакна дека „македонските војници секојдневно покажуваат врвен професионализам и целосна посветеност на своите задачи и обврски“.
Тој изрази благодарност за континуираниот придонес на Северна Македонија во мисијата КФОР, нагласувајќи ја важноста на соработката во одржувањето на мирот и безбедноста во регионот.
Во рамките на посетата генералот Бардуани оствари средба и со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Армијата на РСМ во мисијата КФОР придонесува од 2020 година.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.