Furkan Abdula
14 Март 2022•Ажурирај: 14 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, оствари средба со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ) и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, во рамки на неговата посета на Скопје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за надворешни работи, Османи се заблагодарил за посетата, како конкретен знак на силното партнерство, но и координација во справувањето со последиците од руската агресија врз Украина и манифестација на силната поддршка за процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, како и на целиот регион.
„Соговорниците се согласија дека воениот конфликт во Украина претставува силна повреда на основните принципи на меѓународното право, сериозен удар врз демократскиот поредок, како и сериозен удар врз безбедносната архитектура на Европа и со тоа е реална закана за светскиот мир, безбедност и стабилност, како и импликациите што може да ги има врз земјите од Западен Балкан“, се наведува во соопштението.
„Верувам дека ова се историски времиња кои бараат цврсти и навремени одлуки, но и единство во дејствувањето на целата ЕУ и нејзините земји членки. Нашиот закочен процес на интеграција во ЕУ е извор на системска ранливост, која надворешните актери лесно и вешто ја користат во нивните активности. Затоа, нема простор за двоумење кон оние земји кои спремно се придржуваат до заедничките европски вредности, принципи и стандарди. Ваквата состојба е императив земјите членки на ЕУ да направат заеднички напори, да изградат консензус и да донесат одлука за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Членството на регионот во ЕУ е суштинска безбедносна, политичка и економска додадена вредност за Унијата“, истакна Османи.
Се нагласува дека Османи и Борел заклучиле дека само на овој начин Европската Унија ќе ја зајакне својата стратешка улога во надворешната и безбедносната политика, и ќе го преземе своето стратешко водство, а продолжувањето на политиката на проширување е важно за безбедноста и единството на целиот континент и силата на евроатлантскиот сојуз.
„Од страна на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, беше поздравена целосната усогласеност на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, и потврдата за нашата неприкосновена евроатлантска определба“, се додава во соопштението.