Fatma Bülbül
24 Јули 2017•Ажурирај: 25 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Британскиот амбасадор во Анкара, Ричард Мур изјави дека Велика Британија знае оти терористичката организација ФЕТО го изведе минатогодишниот неуспешен обид за воен удар во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Мур за телевизијата „CNN Turk“ (Си-eн-eн Турк) изјави дека е убеден оти ФЕТО, предводена од Фетула Ѓулен, стои зад обидот за соборување на легитимната влада во Турција, при што загинаа 250, а беа повредени околу 2.200 лица.
„Велика Британија не го прогласи движењето на Ѓулен за терористичка организација поради тоа што постојат одредени процедури. Сепак, тоа не е важно, сите знаеме дека движењето на Ѓулен стои зад минатогодишниот обид за државен удар во Турција“, рече амбасадорот Мур.
Мур посочи дека официјален Лондон ја поддржува легалната и легитимна власт на Турција, и потсети оти висок претставник на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Алан Данкан, е првиот официјален претставник на Западот кој ја посети Анкара само четири дена по обидот за државен удар, кој се случи на 15 јули минатата година.
Терористичка организација ФЕТО во 70-тите години на минатиот век почна своите поданици да ги инфилтрира во безбедносните институции на Турција, во осумдесеттите години значително ги зајакна своите паралелни структури во овие институции и, конечно, на 15 јули минатата година изврши неуспешен обид за воен удар, со цел да го собори уставниот поредок и демократски избраната турска власт.
Според последните податоци, во 113 земји во светот има вкупно 688 училишта и образовни институции поврзани со терористичка организација ФЕТО.