Ali Murat Alhas
26 Октомври 2019•Ажурирај: 27 Октомври 2019
БРИСЕЛ (АА) - Договорот на Турција со Москва во врска со повлекувањето на терористите на ЈПГ/ПКК од северна Сирија е на добар пат, истакна турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сѐ е во ред, и [договорот] се реализира според планираното“, изјави Акар за новинарите во Брисел, каде што учествува на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО.
Акар рече дека повлекувањето на ЈПГ/ПКК, според договорот постигнат во Сочи, Русија, оваа недела, мора да заврши до наредниот вторник, 29 октомври, во 18:00 часот по локално време.
Отфрлајќи ги наводите на одредени за етничко чистење со цел оцрнување на турската антитерористичка операција „Извор на мирот“ во северна Сирија, тој рече дека луѓето треба да размислат двапати пред да дадат такви неосновани и неетички тврдења.
Турскиот министер рече дека операцијата е потполно транспарентна во согласност со меѓународното право и дека деталите од операцијата се споделени на состанокот со министрите за одбрана на земјите членки на НАТО.
- „Курдите се наши браќа“ -
Акар нагласи дека при операцијата во северна Сирија нема никакви нехумани практики, како нарушување на човековите права или употреба на хемиско оружје.
Истакнувајќи дека борбата на Турција против тероризмот продолжува одлучно, тој додаде: „Наша цел се терористите. Курдите се наши браќа.“
Турскиот министер ги осуди западните медиуми за тоа што често ги мешаат Курдите со терористите на ЈПГ/ПКК, велејќи дека Турција сака да им помогне на сите етникуми, вклучувајќи ги и Курдите, кои страдаат од угнетувањето на терористичките организации.
„ЈПГ/ПКК го угнетуваше населението [во северна Сирија]. Околу 1,5 милиони Курди се раселија“, рече тој, додавајќи дека речиси 400.000 од овие Курди се засолниле во Турција и се подготвени да се вратат откако целосно биде формирана безбедносната зона.
На прашањето во врска со односите со НАТО, Акар рече дека Турција е во центарот на НАТО и дека ги исполнува своите обврски кон сојузот. „Нашиот став останува ист.“
„Постои сериозна терористичка закана од ЈПГ/ПКК и ДЕАШ за нашата земја и народ, сакаме таа закана да ја отстраниме. Тоа сакаме да го сториме со нашите сојузници. Но доколку го нема потребниот став, нема да толерираме одолжување“, рече Акар.
Тој изјави дека Турција, од почетокот на немирите во Сирија во 2011 година, ги повикала своите сојузници да дејствуваат заеднички, но овие повици не наишле на одзив и покрај значајниот придонес на Турција во меѓународната коалиција против ДЕАШ, со неутрализирање на над 3.000 терористи.
Во вторникот, во руското одморалиште Сочи, на Црното Море, беше постигнат договор меѓу турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, и неговиот руски колега, Владимир Путин, за повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК 30 километри јужно од турската граница со Сирија во рок од 150 часа, а безбедносните сили од Турција и Русија ќе спроведуваат заеднички патроли во тоа подрачје.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.