образование

Адеми: „Стручното образование е приоритет на Министерството за образование и наука“

Министерот Адеми најави воспоставување на три регионални центри за професионално образование и обука

Abdula Berisha  | 09.07.2019 - Обновена : 10.07.2019
Адеми: „Стручното образование е приоритет на Министерството за образование и наука“ Фото: Abdula Berisha/АА

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за образование и наука на Република Северна Македонија, Арбер Адеми, учествуваше на јавната дебата за формирање на регионални центри за стручно образование и обука, на која истакна дека ова е приоритет на Министерството за образование и наука, јавува Anadolu Agency (АА).

Пред почетокот на јавната расправа, Адеми, заедно со претставникот на Европската фондација за обука (ЕТF), Џулијан Стенли, дадоа изјави за медиумите, нагласувајќи ја важноста на регионалните центри за стручно образование и обука и придобивките што ги носат.

Министерот Адеми рече дека ќе се дискутира за формирање на три вакви центри во три региони на Северна Македонија: Полошкиот Регион, североисточниот и југозападниот регион.

„Денес имаме чест и задоволство да работиме со Европската фондација за обука, заедно со претставници на делегацијата на Европската Унија, за да разговараме за средното стручно образование и обуките, и да го претставиме пред јавноста воспоставувањето на три ВЕТ-центри за стручно образование и обука, регионални центри за стручно образование и обука, кои ќе бидат во служба на нашите деца, ќе бидат во служба на сите наши граѓани кои се заинтересирани да постигнат одреден степен на квалификација, преквалификација и така натаму“, рече Адеми.

Џулијан Стенли, претставник на Европската фондација за обука (ЕТF), која е агенција на ЕУ, рече дека од регионалните центри за стручна обука имаат корист сите, а особено индустријата.

„Европската фондација за обука го поддржува Министерството веќе една година за да развие идеи, но и да продолжиме со консултации. Овие регионални центри на стручно обучување ги гледаме како многу важна можност за развивање на квалитетот на стручните училишта во регионите, но и за контактирање со работодавачите“, рече Стенли.

Во текот на јавната дебата беше разговарано за политиките, мерките и активностите кои треба да се преземат во однос на воспоставување и функционализација на овие регионални центри за стручно образование и обука. Министерот Адеми потсети дека воспоставувањето на овие центри се врши со поддршка на средствата од програмата ИПА 2.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.