образование, Балкан

Учениците се запишуваат во средните училишта, интересот поголем за гимназиско образование

Во првиот упис во средните училишта на 17 и 18 јуни се запишаа 11.860 ученици од пријавените 16.676, а 8.204 деветтоодделенци сè уште не се запишани, имајќи предвид дека основно образование завршија 20.030 полуматуранти

Ekip  | 25.06.2019 - Обновена : 26.06.2019
Учениците се запишуваат во средните училишта, интересот поголем за гимназиско образование (Foto: Arhiva/ Anadolu Agency)

СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - По завршувањето на учебната 2018/2019 година во основните и во средните училишта, во јуни започнаа и уписите во средните училишта, јавува Anadolu Agency (AA).

- Северна Македонија

Во конкурсот на Министерството за образование и наука (МОН) на Северна Македонија, за упис во средните учлилишта слободни се 35.690 места, од кои 24.581 на македонски наставен јазик, 10.123 на албански наставен јазик, 952 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик.

Во првиот упис во средните училишта на 17 и 18 јуни се запишаа 11.860 ученици од пријавените 16.676, а 8.204 деветтоодделенци сè уште не се запишани, имајќи предвид дека основно образование завршија 20.030 полуматуранти.

Според Законот за средно образование во Република Северна Македонија, средното образование е задолжително од учебната 2008/2009 година. Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, апелираше оние деца што не поднеле документи за упис или биле одбиени во првото пријавување да се запишат во следните пријавувања.

Второто пријавување и запишување на учениците е на 24 и 25 јуни, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени на 26 јуни. Третото пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 1 јули 2019, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени наредниот ден.

Како и во изминатите години, и оваа година е многу поголем бројот на учениците кои се пријавуваат во гимназиските средни училишта за разлика од средните стручни училишта. Токму затоа, годинава Министерството за образование и наука имаше неколку проекти, со цел зголемување на интересот за упис во средните стручни училишта.

Министерството за образование и наука на Северна Македонија најави дека од учебната 2019/2020 година во сите средни стручни училишта ќе почнат да се реализираат новите наставни планови и модуларно дизајнирани наставни програми за стручно образование со четиригодишно траење. Со нив се предвидува учење низ работа во трета и четврта година како интегрален елемент во системот на техничко образование и повеќе практична настава и вежби за учениците.

Учебната година ќе започне на 2 септември 2019 година, а завршува на 10 јуни 2020 година.

Според податоците на Државниот завод за статистика на Северна Македонија, бројот на ученици во средните редовни училишта од учебната 2018/2019 година изнесува 71.650, додека бројот на ученици во основните редовни училишта во 2018/2019 година изнесува 188.102.

Според податоците од Министерството за образование и наука, во средните училишта во земјава, во учебната 2017/2018 година се запишани вкупно 17.364 ученици во прва година.

- Албанија

Во Албанија процесот за запишување на учениците во средното образование се одвива во првите две недели од септември, преку поднесување на соодветните документи, притоа нема потреба за специфични испити при запишувањето, со исклучок на државните испити по завршувањето на соодветните образовни циклуси.

Новата учебна година 2019/2020 за средното образование започнува на 16 септември, според налогот на просветните институции, а завршува на различни датуми.

Основното образование во Албанија започнува на возраст од 6 години и трае 9 години и се состои од два циклуси: основно образование (1-5 класа), и нижо-средно образование (6-9 класа). Средното образование не е задолжително. Средното образование во Албанија се состои од гимназии (со полно и скратено време), професионални училишта, како и гимназии со социо-културна ориентација.

Според официјалните податоци на Институтот за статистика на Албанија (ИНСТАТ) за учебната година 2018/2019, настава во средните училишта следеле околу 540 илјади регистрирани ученици, а 32 илјади ученици за прв пат седнале во училишните клупи.

По донесувањето на Законот за заштита на националните малцинства во 2017 година, се проширија и обврските на државата кон малцинствата затоа што според овој закон, лицата кои припаѓаат на некои од националните малцинства имаат право да учат на јазикот на соодветното малцинство. На овој начин, во неколку училишта во неколку градови во Албанија, наставата се одвива на македонски јазик во Пустец, на српски јазик во Фиер, а на ромски јазик се организираат курсеви и разни обуки.

- Косово 

Според податоците на Министерството за образование, наука и технологии на Косово, во учебната 2018/2019 година, во основните и средните училишта во Косово одат повеќе од 356 илјади ученици.

Во градинките одат околу 8 илјади деца, а во предосновно образование околу 23,7 илјади деца. Во основно и нижо средно училиште, од 1 до 9 одделение, одат речиси 240 илјади ученици. Во средните училишта, од 10 до 12 одделение одат околу 84 илјади ученици.

Во прво одделение во основните училишта во учебната 2018/2019 година запишани се околу 23 илјади првачиња.

Во прва година од вишите средни училишта во учебната 2018/2019 година запишани се повеќе од 28 илјади ученици.

Учебната година во основните-нижи средни и средни училишта почнува на 1 септември. Оваа година завршувањето на наставата за основните училишта е 21 јуни, додека 9, 10 и 11 одделение наставата ја завршија на 7 јуни. Завршувањето на наставната година за матурантите, односно за учениците во 12 одделение беше на 16 мај.

Во Косово, во косовскиот план и програма освен на албански јазик, наставата се одвива уште и на турски и босански јазик во општините каде што живеат припадниците на турската и бошњачката етничка заедница, додека за децата Роми организирана е факултативна настава во основните училишта.

Наставата на српски јазик се одвива според планот и програмата на Република Србија во сите средини во Косово во кои живее српската заедница.

Во Косово има 1.116 едукативно образовни институции. Во Косово постојат 43 претшколски установи, основно/нижо средни училишта има 942, додека бројката на средните училишта е 125. Постојат и 6 специјални училишта.

Првиот уписен рок за учениците првачиња е во мај месец, а вториот во август.

И за средните училишта постојат два уписни рока, првиот во јуни, вториот во август.

По завршено основно/нижо средно училиште, учениците кон крајот на мај месец го полагаат националниот тест на знаење, кој е неопходен за упис во средните училишта. Поените за упис во средните училишта се добиваат со комбинирање на резултатите од националниот тест на знаење со успехот (оценките) од основно/средно нижо училиште.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.