Admir Fazlagic
30 Април 2020•Ажурирај: 01 Мај 2020
СКОПЈЕ
Учениците од основните и средните училишта во Република Северна Македонија ќе ја продолжат наставата со далечинско учење до 10 јуни, односно нема да се вратат во училишните клупи, додека матурантите оваа година ќе бидат ослободени од полагањето завршен испит и ќе можат со дипломата издадена за завршено средно образование да се запишат на некоја од високообразовните институции во земјава, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ова се само дел од сетот мерки што Владата на Република Северна Македонија ги усвои на денешната седница по предлог на Министерството за образование и наука.
Министерот за образование на Република Северна Македонија Арбер Адеми на прес-конференција напомена дека се работи за сет од девет мерки, со кои се обезбедува непречено функционирање на воспитно-образовниот систем во овие вонредни околности и услови предизвикани од појавата и ширењето на коронавирусот (Ковид-19).
„Тековната учебна година до крај ќе продолжи да се реализира преку организирање на далечинско учење, односно учење од дома. Кризниот период се чини дека полека поминува, но и натаму постои ризик по здравјето на граѓаните. Така што, учениците нема да се вратат во училишните клупи до 10 јуни“, истакна Адеми.
Тој напомена дека на сите наставници кои до денот на прогласување вонредна состојба биле ангажирани со договори на определено, работниот однос им се продолжува до крајот на учебната година, а воедно ќе се обезбеди и соодветна замена за секое испразнето работно место на наставник.
Другата мерка се однесува на уписот на првачињата кој вообичаено и согласно законските прописи започнува во месец мај, согласно условите ќе започне во јуни.
Следните две мерки, рече министерот Адеми, гарантираат дека ниту едно училиште за време на вонредната состојба нема да биде оставено без раководни структури и управни органи кои имаат обврска да ја организираат работата непречено и првенствено во интерес на учениците и наставниците, односно се продолжуваат мандатите на раководење и управување во училиштата, како и продолжување на важноста на лиценците за директорите.
Што се однесува на учениците од завршните години во средните училишта, тие се ослободуваат од полагање државна матура, училишна матура и завршен испит во учебната 2019/2020 година.
Следната мерка која е поврзана со високото образование, се однесува на продолжување на важноста на студиските програми на сите три циклуси чија важност престанала во академската 2019/2020, за една дополнителна година, додека, роковите за донесување на решение за акредитација, решение за почеток со работа на нова студиска програма или високо образовна установа се пролонгираат за 3 месеци од престанокот на вонредната состојба.
Овој сет мерки е изготвен во соработка со низа други надлежни институции во областа на образованието, со поддршка на граѓанскиот сектор и партнерските организации и истите гарантираат непречено функционирање на воспитно-образовниот систем во овие вонредни услови.
Потсетуваме, министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче на 10 март соопшти дека со цел спречување на ширњето на коронавирусот (Ковид-19) Владата донесе одлука за прекинување на воспитно-образовниот процес и настава во сите детски градинки, основни и средни училишта, како и наставната дејност во високообразовните институции на територијата на целата држава за 14 дена, но оваа одлука продолжи и се уште важи.