Besar Ademi
03 Октомври 2016•Ажурирај: 04 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за образование и наука на Република Македонија, Пиштар Љутфиу, кој се состана со својот косовски колега Арсим Бајрами, по средбата нагласи дека неговиот косовски колега е известен околу отворањето на новиот Универзитет во Скопје, „Мајка Тереза“, кој задоцни со почетокот на работата, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Љутфиу нагласи дека останале да се завршат само уште техничките подготовки на универзитетот, но според него, најважно е дека уписот веќе започнал, а студентите имаат сместување во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа.
На прашањето дали е извршена студија околу тоа дали треба да се отвори нов универзитет на албански јазик или не, Љутфиу рече:
„Додека ја создававме идејата за отварање на ваков универзитет, јас сметав дека имаме потреба од поквалитетно образование. Досега се пријавија околу 150 студенти и очекуваме дека во наредните денови оваа бројка ќе се зголеми. Оптимисти сме дека ќе имаме доволен број студенти“.
Во меѓувреме, министерот за образование, наука и технологија на Косово, Арсим Бајрами, рече дека двете соседни земји традиционално оствариле размена на студенти и наставници. Тој додаде дека на средбата биле дадени конкретни предлози за да се почне со спроведување на програма за заедничка диплома во областа на медицината меѓу Универзитетот во Приштина и Скопје.
„Имав чест да му честитам на министерот за финализирањето на Универзитетот ‘Мајка Тереза’, проект кој Владата на Косово и Министерството за образование ќе го поддржат со наставници, а можеби и со испраќање студенти потребни за овие програми“, рече Бајрами.
Како неопходно и заедничко за двете соседни земји, Бајрами ја истакна размената на искуствата и подигањето на квалитетот во однос на сите потреби на образовниот систем. Тој напомена дека овие две земји може да ги споделат своите искуства во пракса, како што се учебниците од основното и средното образование и тие од академско ниво, за кои, како што рече, треба да се стимулират универзитетите да воспостават одржливи партнерства.
„Овие дискусии во врска со основањето на Универзитетот ‘Мајка Тереза’ почнаа во времето на министерот Адеми. Како што знаете, Косово има дадено помош при консолидацијата и на другите албански универзитети, вклучувајќи ги Университетот на Југоисточна Европа и Универзитетот на Тетово, каде што еден дел од професорите уште од почетокот биле за да се овозможи консолидација. Ние сме подготвени да помогнеме и за Универзитетот ‘Мајка Тереза’ во првата фаза“, истакна Бајрами.