Турција, наука и технологија

ХУРЏЕТ напредува кон својата цел

- Во моментов ХУРЏЕТ спроведува тестирања, активности за сериско производство и извоз, интензивно работејќи на три фронта, со што турската одбранбена и воздухопловна индустрија ја носи на ново ниво во класата на авиони со млазен погон.

Göksel Yıldırım  | 25.11.2025 - Обновена : 26.11.2025
ХУРЏЕТ напредува кон својата цел

АНКАРА

- Ѓоксел ЈИЛДИРИМ


Во моментов ХУРЏЕТ спроведува тестирања, активности за сериско производство и извоз, интензивно работејќи на три фронта, со што турската одбранбена и воздухопловна индустрија ја носи на ново ниво во класата на авиони со млазен погон.

Во проектот ХУРЏЕТ, спроведен од Турската воздухопловна индустрија во координација со турското Претседателство на одбранбените индустрии, досега се завршени 340 лета и реализирани се приближно 260 часа лет во рамките на активностите за развој и тестирање со два прототипа на авионот.

Во тек се активности за масовно производство на проектот ХУРЏЕТ. Овој процес напредува во согласност со планираниот распоред за испорака на овие авиони на „Турски ѕвезди“ (акробатски тим формиран во рамките на турските воздухопловни сили) во 2026 година.

Склопувањето на авионите што треба да се испорачаат продолжува, а првите летови на новопроизведените авиони се очекува да се спроведат во првиот квартал од следната година.

Работата на проектот за млазни авиони за обука и лесни напади ХУРЏЕТ, развиен од турски национални ресурси, започна во август 2017 година.

Првата компонента што го заврши производствениот процес беше пренесена на линијата за склопување на церемонијата што се одржа на 10 јуни 2022 година. По завршувањето на активностите за склопување, беа започнати тестови на земја (системот за слетување, ожичување, механизмот на кабината, електричните тестови) и тестови на авионскиот систем, електричниот систем и системот на гориво на ХУРЏЕТ, барања потребни за првото стартување на моторот.

Стартувањето на моторот на првиот турски суперсоничен авион за обука со млазен погон, ХУРЏЕТ, беше извршено на 30 јануари 2023 година, а првиот лет го изведе на 25 април 2023 година.

По првиот лет продолжија тестирањата на летот на ХУРЏЕТ во рамките на дизајнот.

ТУСАШ истовремено се подготвува да воспостави инфраструктура за масовно производство на овој авион, а благодарение на тоа месечно би се испорачувале два авиона ХУРЏЕТ.

Во првата фаза на турските воздухопловни сили ќе им бидат испорачани 16 авиони ХУРЏЕТ. Оваа бројка ќе се зголеми со авиони со различни конфигурации.


- Широк спектар на изведување мисии

Едномоторниот моделот на ХУРЏЕТ со тандемски кокпит, благодарение на супериорните перформанси, е дизајниран да игра клучна улога во обуката на летање со современи борбени авиони. Може да извршува активности, како што се обука за транзиција на борбена готовност, воздушна патрола (вооружена и невооружена) и авиони за акробатски презентации.

Со димензии од 13,6 метри должина, 4,1 метар висина и 9,5 метри распон на крила, ХУРЏЕТ може да достигне брзина од 1,4 Мах и да лета на максимална надморска височина од 45.000 стапки.

Авионот ќе биде опремен со седум станици - по три под крилата и една под трупот - на кои ќе може да се постави различен товар. ХУРЏЕТ ќе може да носи над 3 тони товар.

За време на процесот на тестирање значително внимание привлекоа два авиона ХУРЏЕТ во различни камуфлирачки конфигурации што летаа во формација со „Турски ѕвезди“ од Командата на воздухопловните сили, чиј дел ќе биде во иднина.


- Одбројување на потпишувањето договор со Шпанија

Се очекува наскоро да биде потпишан договорот за извоз на ХУРЏЕТ, првиот домашно произведен млазен авион за обука и лесен напад, во Шпанија. Генералниот директор на ТУСАШ, Мехмет Демироглу, за шпанскиот весник „Ел Еспањол“ изјави: „Како ТУСАШ, целосно сме подготвени. Ги броиме неделите. Нема нерешени прашања меѓу страните. Се очекува наскоро да биде потпишан конечниот договор за снабдување.“

Демироглу истакна дека ХУРЏЕТ е млазен авион за обука што првенствено е дизајниран за цели на обука, но додаде дека доколку се појават нови потреби за мисии или барања за варијанти на авионот, ТУСАШ има капацитет брзо да се адаптира на овие барања.

Варијантите, конфигурациите и распоредите за испорака на ХУРЏЕТ ќе бидат објавени со потпишувањето на договорот.

За новиот Интегриран систем за обука, кој ќе ги замени авионите Ф-5, ќе биде имплементирана програма со проценета цена од 3,12 милијарди евра. Во тие рамки се планира испораките да започнат во 2028 година, со 45 авиони ХУРЏЕТ.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.