Gökhan Ergöçün
23 Септември 2021•Ажурирај: 24 Септември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - ГОКХАН ЕРГОЏУН -
Водечката турска компанија од областа на одбраната „Бајкар“ го претстави своето ново беспилотно летало со вертикално полетување и слетување (VTOL) на најголемиот технолошки и авијациски настан во Турција ТЕХНОФЕСТ.
„На новото беспилотно летало не му е потребна писта за слетување, може да полета од различни места, меѓу кои и од поморски или мобилни платформи“, изјави за Агенција Анадолија (АА) Бурак Озбек, инженер за дизајнот на леталата во компанијата.
Беспилотното летало полетува со помош на неговите четири електрични мотори, а потоа лета со моторот со внатрешно согорување, објаснува Озбек.
„Благодарение на неговиот хибриден моторен систем, беспилотниот систем може да лета до 12 часа“, рече инженерот, додавајќи дека моторот исто така може да ја напојува и батеријата на леталото.
Неговата тежина за полетување изнесува 50 килограми и може да носи корисен товар од 5 килограми, како што се термичка камера, ласерски означувач или далечинометар.
Озбек додаде дека беспилотното летало, чиј распон на крилата е пет метри, може да полета од површина 20 х 20 метри.
„Неговата оперативна височина е 2.743 метри, но може да лета и до 4.570 метри“, посочи тој, нагласувајќи дека неговата брзина на летање изнесува околу 40-50 јазли.
- Домашен мотор -
„Беспилотното летало е набљудувачки дрон, а компанијата „Бајкар“ работи со домашни и странски партнери за системите инсталирани во него“, рече Озбек.
„Бајкар“ соопшти дека тестираното беспилотно летало е опремено со мотор произведен од турскиот производител на мотори „Ерин моторс“.
„Овој мотор има електронско вбризгување на гориво и е многу посигурен“, рече тој, додавајќи дека во светот има само неколку слични беспилотни летала.
Посочи дека технологијата на беспилотното летало е во директна усогласеност со технологијата на батерии и дека неговите нови верзии можат да имаат поголем капацитет за носење муниција.
Нагласувајќи дека авиониката, електронските системи и софтверот во ова беспилотно летало се докажани во беспилотните летала „Бајрактар ТБ2“ и „Акинџи“, Озбек истакна дека компанијата „Бајкар“ користи исти системи за сите свои летала.
Тој соопшти дека тестирањето на леталото ќе биде завршено наскоро и дека фазите на сериско производство и испорака ќе започнат во 2022 година.