Emre Aytekin
04 Април 2018•Ажурирај: 05 Април 2018
ВАШИНГТОН/АНКАРА (АА) - Националната администрација за аеронаутика и вселена на Америка, НАСА, се договори со компанијата „Локхид Мартин“ за производство на авион за цивилни потреби кој при надминувањето на брзината на звукот нема да произведе звук на сонична експлозија, јавува Anadolu Agency (AA).
На интернет-страницата на НАСА е објавена информацијата дека институцијата се договорила со американската компанија за одбрана и воздухопловство „Локхид Мартин“, за цена од 247,5 милиони долари да произведе прототип на авион кој при надминувањето на брзината на звукот ќе може да го реши ефектот на силна сонична експлозија.
Во соопштението се наведува дека во рамки на договорот, компанијата ветила дека до крајот на 2021 година ќе го заврши прототипот на авионот кој НАСА ќе може да го тестира.
Наместо сонична експлозија, звук на затворање врата
Специјалниот авион под име „X-Plane“, би требало на висина од 17.000 метри (55.000 стапки) да достигне брзина од 1.500 километри на час. Авионот при надминувањето на брзината на звук, би требало да произведе звук од 75 децибели, што е соодветно на јачината на звук при затворање на вратата од автомобил.
Се предвидува дека намалувањето на нивото на звук кај соничните авиони, ќе го отвори патот на суперсоничниот воздушен транспорт во цивилни цели. Суперсоничните авиони со ниско ниво на шум ќе овозможат решавање на соничните експлозии кои му наштетуваат на човечкото здравје и предизвикуваат звучно загадување на околината, со што овие авиони ќе можат да се користат во урбани средини за патнички и товарен транспорт.
НАСА планира на почетокот од 2022 година да започне да го тестира авионот „X-Plane“ во одредени американски градови. Се предвидува со мерењето на звукот при летот на овој авион и реакциите на локалното население, цивилните воздухопловни власти да ги коригираат упатствата за нивото на шум.