Ekipa
04 Ноември 2021•Ажурирај: 05 Ноември 2021
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - ШУРИА НИЈАЗИ -
Водечки индиски институт неодамна разви лек кој може да ја промени ситуацијата за илјадници пациенти кои страдаат од леукемија, пишува Агенција Анадолија (АА).
Лекувањето на акутна лимфобластична леукемија (ALL), канцер на крвта и коскената срцевина, е прилично скапо во Индија и недостапно за обичниот човек.
Леукемијата е форма на рак на крвта. Според експертите, таа главно се јавува кај младите под 20-годишна возраст и кај возрасните над 60 години. Постојат многу видови на леукемија, но најчестиот е акутната лимфобластична леукемија.
Според објавените податоци, речиси 25.000 луѓе во Индија заболуваат од овој тип на рак на годишно ниво, и претставува речиси една четвртина од сите случаи на рак кај децата. Сепак, експертите веруваат дека реалниот број на пациенти може да е многу поголем.
Индискиот институт за технологија (IIT) „Индоре“ го разви лекот аспарагиназа (M-ASPAR), кој е бактериски ензим, користејќи протеински инженеринг за лекување на акутната лимфобластична леукемија. Ова истражување би можело да биде корисно за нејзино подобро лекување кое чини многу помалку од егзистирачката цена за третирање на болеста.
Во изјава за Агенција Анадолија, по повод Неделата на леукемија кај децата, која се одбележува секоја година од 2 до 8 ноември, професорот Авинаш Сонаван, главниот истражувач на Одделот за бионауки и биомедицинско инженерство при Индискиот институт за технологија (IIT) „Индоре“ рече: „Откако ќе биде одобрен по испитувањата, ќе биде околу 10 пати поевтин од сегашниот достапен третман.“
Сонаван рече дека во моментов аспарагиназата е задолжителен лек во хемотерапијата на акутната лимфобластична леукемија. „Нема замена за овој ензим“, додаде тој.
- Несакани реакции -
Но, има сериозни несакани ефекти. Човечкото тело не го препознава како клеточен протеин. Телото на пациентот произведува антитела против овие лекови.
Според истражувачите на Индискиот институт, аспарагиназата во моментов рутински се применува за третман на акутната лимфобластична леукемија, но предизвикува несакани ефекти како имуногеност, хиперсензитивност, алергиски реакции, невротоксичност и токсичност на виталните органи, вклучително и на црниот дроб и слезината.
Професорот Сонаван нагласи дека ефикасноста на овој лек е многу помала во случаи на враќање на болеста.
„Друг недостаток е тоа што стабилноста во крвта е многу слаба. Затоа е неопходно да се земаат повторни дози од овој ензим. Брзо се разградува во крвта“, додаде тој.
„Со цел да го надминеме ова, ние ги модифициравме ензимите на аспарагиназата преку протеинското инженерство“, нагласи Сонаван.
Трошоците за лекување во странство се околу 150.000 долари за третман во траење 28 - 32 недели. Освен тоа, имуногената природа на сегашните формулации на аспарагиназата е голем проблем.
Според експертите, во Индија за лекување се користени генерички ензими чија ефикасност е многу слаба.
- Клиничкото одобрување може да потрае две години -
По одобрението од властите за контрола на лекови во земјата, може да поминат околу 2 до 2,5 години додека завршат испитувањата во Фаза I и II.
Медицинските експерти низ светот работат на развивање подобрени верзии на аспарагиназата со подобар безбедносен профил.
Сонаван рече дека истражувачите од Индискиот институт во последните 12 години работеле на развој на нов аспарагиназа лек со помалку сериозни несакани ефекти и подобра ефикасност во третманот на примарна и релапсна акутна лимфобластична леукемија.
Тој истакна дека истражувачите од Индискиот институт биле успешни во развојот на аспарагиназата M-ASPAR која е значително помалку имуногена, постабилна во крвта и која може ефикасно да ги уништи леукемичните клетки.
Аспарагиназата се наоѓа на листата на есенцијални лекови на Светската здравствена организација (СЗО). Но, според истражувачите, лекот не е лесно достапен во Индија и во многу други земји.