Esra Tekin
02 Април 2026•Ажурирај: 03 Април 2026
ВАШИНГТОН (AA) – Американската вселенска агенција НАСА вчера соопшти дека успешно ја лансирала мисијата „Артемис II“ од Вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида, испраќајќи астронаути кон Месечината за првпат по повеќе од 50 години, јавува Анадолу.
Ракетата „Спејс лаунч систем“ безбедно пренесе четворица астронаути во орбитата, а вселенското летало „Орион“ веќе се наоѓа на пат за 10-дневно патување околу Месечината и назад кон Земјата.
Екипажот го сочинуваат тројца американски астронаути и еден канадски, а мисијата има за цел тестирање на клучните системи неопходни за идните човечки мисии во длабоката вселена.
Лансирањето претставува значаен чекор во рамките на програмата „Артемис“, со која НАСА планира повторно да испрати луѓе на Месечината подоцна оваа деценија, како и да постави основа за подалечни вселенски истражувања.
- „Импресивен момент“ -
Американскиот претседател Доналд Трамп им честиташе на НАСА и на астронаутите за успешното лансирање на мисијата.
„Дозволете ми да започнам со честитки до тимот на НАСА и нашите храбри астронаути за успешното лансирање на ‘Артемис II’. Тоа беше навистина импресивен момент“, изјави во обраќањето до нацијата.
Тој ја нагласи и важноста на мисијата, истакнувајќи дека леталото ќе достигне поголема оддалеченост од која било претходна мисија со екипаж.
„Ќе патува подалеку од која било ракета со екипаж досега, ќе помине покрај Месечината, ќе ја обиколи и ќе се врати од растојание што досега не е постигнато. Навистина е неверојатно“, рече Трамп.
Сепак, само неколку часа по лансирањето, екипажот пријави дефект кај еден од новите делови за удобност во леталото „Орион“ – тоалетот.
Специјалистката на мисијата, Кристина Кох, забележала проблем при активирање на дел од системот за управување со отпад, познат како „Универзален систем за управување со отпад“, кој служи за собирање урина.
„Пријавено е дека вентилацијата на тоалетот не функционира“, изјави портпаролот на НАСА, Гери Џордан, за време на директниот пренос од мисијата.
Тој додаде дека инженерските тимови на Земјата работат на инструкции за решавање на проблемот и враќање на системот во функција.
Директорот на летачки операции на НАСА, Норм Најт, изјави дека дефектот е предизвикан од проблем со контролниот систем.
НАСА потврди дека астронаутите и понатаму можат да го користат тоалетот за цврст отпад, но не и за урина додека трае поправката.
Во меѓувреме, екипажот ги користи резервните капацитети за управување со отпад специјално наменети за урина.