Erbil Başay
10 Август 2020•Ажурирај: 11 Август 2020
БЕРЛИН
Европската унија инфорираше дека се очекува до крајот на годината да биде готова вакцината против новиот тип на коронавирус (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Стела Кириакидес, одговорна за здравје и безбедност на храната во ЕУ, во изјавата дадена за германскиот весник „Handelsblatt“ соопшти дека добиле позитивни сигнали за развивање на вакцината и додаде „Иако од оваа точка е ризично да се даваат било какви проценки, сепак постојат позитивни сигнали дека вакцината би можела да биде подготвена до крајот на оваа или до почетокот на наредната година.“
Посочувајќи дека вакцината веднаш нема да може да ги реши сите проблеми, Кириакидес истакна дека доколку првенствено се вакцинираат луѓето од ризичната група, ќе биде возможно постепено враќање во нормала.
Изразувајќи загриженост од зголемувањето на бројот на новооткриени случаи на заразеност со Ковид-19 во земјите од ЕУ, Кириакидес ги повика земјите на локално ниво да се борат против зголемувањето на новозаразени со коронавирус.
Предупредувајќи на неизвесноста што продолжува во врска со вирусот, Кириакидес рече: „Сега е потребно, повеќе од кога било да бидеме будни и да не се однесуваме опуштено, за да избегнеме втор карантин“.