Gökhan Ergöçün,Faruk Hanedar
21 Мај 2024•Ажурирај: 27 Мај 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Вештачката интелигенција (AI) е способна да манипулира со изборите низ светот, истакна претседателот на Одделот за масовни комуникации при американскиот Универзитет „Стивен Ф. Остин“, Џон Ален Хендрикс, посочувајќи дека во однос на политиката и зачувувањето на демократијата многу е важно да се воведат одредени прописи.
„Светот се наоѓа во раните фази на таа технологија и ќе се направат многу грешки при нејзиното користење“, изјави Хендрикс за Анадолу на конференцијата насловена „Иднината на комуникациите: Ветувања и проблеми“, организирана минатата недела од Глобалната асоцијација за комуникации (GCA).
Хендрикс рече дека има голем број видеа во Соединетите Американски Држави, но и во други земји, во кои политичари кажуваат работи што електоратот ги доживува како искрени, но кои всушност се длабоко лажни видеа.
„Луѓето треба да бидат многу внимателни за вештачката интелигенција во политички контекст бидејќи таа е толку нова и многу уверлива“, нагласи тој.
„Значи, важно е политичарите и владите да размислат за регулирање на социјалните мрежи до одреден степен“, додаде Хендрикс.
Тој рече дека социјалните медиуми играат фронтална и централна улога во политиката во 21. век, особено во 2024 година.
„Кога ја гледам американската политика, социјалните медиуми се првото место каде што одат политичарите за да допрат до електоратот“, истакна тој.
„Традиционалните медиуми во Америка - телевизијата, радиото и весниците - се чувари на вратата и испраќаат добро осмислени пораки за влијание врз електоратот“, нагласи Хендрикс.
„Но, електоратот стана многу сомничав кон традиционалните медиуми, и затоа се свртува кон социјалните медиуми кои им овозможуваат на политичарите директно да комуницираат со него без да мора да одат преку елитните новинари“, додаде тој.
- Социјални мрежи -
„Влијанието на социјалните медиуми во 21. век е нивната непосредност“, рече Хендрикс, истакнувајќи дека секој има пристап до тие медиуми од своите домови.
„Луѓето на социјалните мрежи говорат за работите во кои веќе веруваат и на тој начин тие едноставно го овековечуваат она што се зборува“, посочи тој.
„Така е создадена една заедница на луѓе кои веруваат во исти работи и кои продолжуваат да разговараат за исти работи, за истите идеи и нешта, без оглед дали се точни или не“, рече Хендрикс.
Тој предупреди дека во тој контекст постои проблем со социјалните медиуми и нема регулација за тоа во САД.
„Така, секој може да креира профил на социјалните мрежи под лажно име. Тие можат да креираат лажно име, а тоа ги охрабрува и поттикнува да кажуваат работи кои како себе никогаш не би ги кажале.“