Dilara Karataş
19 Април 2023•Ажурирај: 21 Април 2023
АНКАРА (АА) - Главниот извршен директор на Гугл, Сундар Пичаи, истакна дека општеството треба да биде подготвено за брзиот развој на вештачката интелигенција, пренесува Анадолу.
Според вестите на американските медиуми, Пичаи, кој даде интервју за телевизијата Си-би-ес, рече дека Гугл „не разбира целосно“ како функционира неговиот систем за вештачка интелигенција.
Тој нагласи дека општеството мора да се приспособи на ова и дека писателите, сметководителите, архитектите, па дури и софтверските инженери ќе бидат меѓу оние што ќе ги изгубат своите работни места поради вештачката интелигенција.
Според него, брзото ширење лажни информации во иднина ќе биде многу поголемо поради брзиот развој на вештачката интелигенција.
Пичаи истакна дека општеството мора да се приспособи на прописите направени за вештачката интелигенција да се направи побезбедна.
Тој рече дека не само развивачите на софтвери, туку и филозофите, општествените научници и експертите за морални науки треба да придонесат за развојот на вештачката интелигенција.
Нагласувајќи дека општеството не го одржува целосно темпото на развој на технологијата, Пичаи додаде дека луѓето не се целосно подготвени за технологијата на вештачката интелигенција, но во ретроспектива, нивната свест за овие прашања е зголемена.
Пичаи ги опиша технологиите, како што е четботот за вештачка интелигенција „Бард“ на Гугл, како „црна кутија што не е целосно разбрана“.
- Конкуренцијата во вештачката интелигенција се зголемува -
За да го забрза напредокот на вештачката интелигенција, Мајкрософт соработуваше со OpenAI, развивачот на четботот за вештачка интелигенција ChatGPT.
Матичната компанија на Гугл, Алфабет, во февруари ја претстави својата нова технологија наречена „Бард“ што би можела да биде конкурент на ChatGPT.
Американскиот гигант за е-трговија Амазон минатата недела објави нови технологии што имаат цел да им помогнат на другите компании да развијат сопствени четботови и услуги за да создадат производи со вештачка интелигенција.
Отворено писмо потпишано од повеќе од 1.000 луѓе, вклучително и Илон Маск, објавено минатиот месец од непрофитниот институт „Фјучр оф лајф“, повика на запирање на развојот на напредни роботи со вештачка интелигенција додека не се развијат заеднички безбедносни протоколи за дизајни на роботи со вештачка интелигенција и надгледувани од независни експерти.