Ekipa
02 Април 2023•Ажурирај: 03 Април 2023
АНКАРА (АА) - Кинеските археолози денес соопштија дека откриле змиски коски што датираат од неолитскиот период, пред околу 6.000 години, пренесува Анадолу.
Коските се откриени во сливот на реката Зуоџианг, во јужнокинескиот автономен регион Гуангкси Жуанг, објави новинската агенција Синхуа.
Истражувањето е заеднички спроведено од Институтот за палеонтологија и палеоантропологија на 'рбетници при Кинеската академија на науките и Институтот за заштита на културни реликвии и археологија во Гуангкси.
Најдолгиот прешлен откриен на локалитетот е од змија што му припаѓа на видот Python bivittatus, објави новинската агенција повикувајќи се на Јанг Кингпинг од Институтот за заштита на културни реликвии и археологија во Гуангкси.
Прешленот покажува дека змијата била долга над 4,58 метри, надминувајќи го претходниот рекорд во Кина за овој вид од 3,56 метри.
Новото откритие ќе фрли светлина врз историјата на ловењето змии во Јужна Кина, кое може да се следи наназад околу 6.000 години.
Повеќето од ископаните змиски коски, рече Јанг, имаат траги од изгореници на површината, а коски на цицачи биле натрупани покрај нив, со видливи знаци на сечење или удар.
Тој не исклучи дека праисториските луѓе во регионот го печеле месото како начин на преработка на храната.
Сливот на реката Зуоџианг поседува богати животински и растителни ресурси и сложени и разновидни релјефни форми, како и големо праисториско културно наследство.
Во 2016 година УНЕСКО на листата на светско наследство вклучи карпести цртежи што датираат од пред повеќе од 2.000 години во сливот.