Ahmet Gürhan Kartal
03 Јануари 2019•Ажурирај: 06 Јануари 2019
ЛОНДОН (АА) - Новиот тест за здивот наскоро би можел да стане најраната алатка за откривање на карциномот, како резултат на тестирањето на новата направа што започна во Велика Британија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според локалните медиуми, новата направа за биопсија на здивот, дизајнирана да ги открие знаците на карциномот во молекулите кои се ослободуваат при издишувањето на пациентите, сега е во тест-период во болницата „Аденбрукс“ во Кембриџ.
Ако тестирањето се покаже успешно, карциномот може да биде откриен во неговата рана фаза, со што преку соодветен третман ќе може да се спасат уште многу животи.
Првите пациенти кои ќе бидат вклучени од страна на болницата во испитувањето на уредот што ќе трае две години, се лица со сомневање за постоење на езофагеален и стомачен карцином, и 1.500 други луѓе, од кои некои пациенти со дијагностициран карцином, но и здрави луѓе.
Тестовите подоцна ќе бидат проширени на оние за кои постои сомневање дека имаат карцином на простатата, бубрезите, мочниот меур, црниот дроб и панкреасот.
„Концептот за обезбедување на комплетна слика за организмот на целосно неинвазивен начин е многу важен, и може да ја намали болката кај пациентите при поинванзивните испитувања кои не им се потребни“, истакна Били Бојл, коосновач и главен извршен директор на британската компанија „Owlstone Medical“, која стои зад уредот.
„Итно треба да развиеме нови алатки, како што е овој тест за здивот, кои би можеле да помогнат во детектирањето и раното дијагностицирање на карциномот, давајќи им на пациентите најдобри шанси за надминување на нивната болест“, истакна главниот истражувач Ребека Фицџералд, професорка на британскиот Центар за истражување на канцерот во Кембриџ.
„Се надеваме дека преку ова клиничко испитување ќе најдеме траги во здивот потребни за откривање на раната фаза на карциномот. Тоа е следниот клучен чекор во развивањето на оваа технологија.“