Ecem Şahinli Ögüç
28 Јули 2023•Ажурирај: 29 Јули 2023
АНКАРА (АА)
Британскиот радиодифузер Би-би-си спроведе истражување според кое системот за известување на Гугл, „Гугл Алертс“, кој може да даде предупредување до една минута пред да се случи земјотресот, не стапил во функција кога станува збор за земјотресите со епицентар во турската област Кахраманмараш што се случија на 6 февруари, пренесува Анадолу.
Според овој извештај, вработените во Би-би-си истражиле дали „Гугл Алертс“, систем за известување што работи на телефоните со оперативен систем Андроид, пратил предупредување за земјотресите што го потресоа Кахраманмараш.
Вработените што беа во посета на трите големи градови во Туркије во кои земјотресот бил најефективен, пријавиле дека системот не стапил во функција.
Наспроти претставниците на Гугл, кои имаа изјавено дека пред првиот голем земјотрес во Кахраманмараш, известувања биле пратени до телефоните на милиони корисници во ова подрачје, претставниците на Би-би-си по спроведеното истражување објавија дека не наишле на ниту едно лице што добило предупредување.
Американскиот сеизмолог проф. Харолд Тобин рече дека Гугл ги зголемува очекувањата со даденото ветување дека ќе обезбеди услуга со систем за рано предупредување.
„Гугл има одговорност да ја следи оваа тематика што директно е поврзана со човечкиот живот“, рече Тобин.
Од друга страна, Мика Берман, еден од надлежните на „Гугл Алертс“, упорно тврди дека функционира системот за известување на земјотреси.
„Уверени сме дека системот работи и праќа предупредување“, изјави Берман за Би-би-си.
- Како функционира „Гугл Алертс“?
Системот за известување на земјотреси на „Гугл Алертс“ е во функција во Туркије од 2021 година.
Системот работи благодарение на широката мрежа на телефони со оперативен систем Андроид. Смарт телефоните содржат акцелерометри што можат да детектираат мали потреси.
„Гугл Алертс“ може да ги процени епицентарот и јачината на земјотресот доколку акцелерометрите се активирани на голем број телефони во моментот на земјотресот.
Доколку системот детектира земјотрес со интензитет од 4,5 степени и повеќе, праќа предупредувања за акција до телефоните Андроид.