Diyar Güldoğan
14 Февруари 2018•Ажурирај: 14 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, експлицитно побара од властите на соседна Грција да се држат подалеку од предизвикување тензии поради подобри билатерални односи, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим непосредно пред неговото заминување во официјална посета на Белорусија, на аеродромот Есенбога во Анкара, за новинарите изјави дека вчера во телефонскиот разговор со грчкиот колега Алексис Ципрас нагласил дека Егејското Море треба да биде море на пријателство и дека треба ефективно да се користи за благосостојбата на турскиот и грчкиот народ.
„Неодамна имаше одредени кршења на правилата, а сè започна со повреда на турската територија кај островот Кардак на кое Турција адекватно одговори“, изјави Јилдирим.
Турската крајбрежна стража неодамна спречи брод на делегацијата на грчкиот министер Панос Каменос да вплови во водите на турските острови во Егејското Море. Грчката новинска агенција „AMNA“ (АМНА) јавува дека и синоќа турската патрола го блокирала движењето на грчката патрола во близина на Кардак.
Турција и Грција во 1996 година беа пред прагот на избивање војна поради несогласувањата за пустите острови во Егејското Море, а тие тензии се присутни и во последните недели.
„Тензиите или ризикот од избивање на судир не може да биде предизвикан само од една страна. Ако има прекршоци, ги има и од другата страна. Затоа избегнувањето на тензиите не може да биде само обврска на Турција, туку и грчката страна мора да биде внимателна и да ги почитува нормите“, порача Јилдирим и додаде дека со Ципрас договорил продолжување на дијалогот и заеднички напори за релаксација на односите.
На прашањето на новинарите за падот на турскиот воен хеликоптер во Африн во саботата, турскиот премиер Јилдирим изјави дека сè уште нема никакви докази, ниту сознанија дека хеликоптерот е урнат со дејство на непријателот.
„Меѓутоа не исклучуваме ниту една можност и формирана е комисија за истрага на несреќата. Комисијата е под закрила на Турските вооружени сили и тој процес и понатаму трае“, изјави Јилдирим.
За време на дводневната официјална посета на Минск, Јилдирим ќе се состане со својот белоруски колега Андреј Кобјаков и со претседателот на државата Александар Лукашенко, а ќе присуствува и на деловен форум.
По завршувањето на посетата, Јилдирим од Минск ќе отпатува за Германија, каде што ќе се состане со канцеларката Ангела Меркел и во Минхен ќе присувствува на Конференцијата за безбедност.