Zeynep Tüfekçi
05 Декември 2017•Ажурирај: 05 Декември 2017
САНА (АА) - Меѓународните коалициски сили предводени од Саудиска Арабија ја бомбардираа претседателската палата во главниот јеменски град Сана, јавува Anadolu Agency (AA).
Очевидци наведуваат дека авионите на коалициските сили ја бомбардирале претседателската палата, но извршиле и интензивни воздушни напади врз позициите на Хусите. Тие тврдат дека е предизвикана голема материјална штета на објектите во близина на претседателската палата.
Припадниците на јеменското бунтовничко движење на Хусите целосно го зазедоа подрачјето Ел Хају Ес-Сијаси во јужниот дел на Сана, населба под контрола на приврзаниците на поранешниот претседател на Јемен, Али Абдула Салех. Населбата е заземена откако беше убиен поранешниот претседател.
На влезот од Ел Хају Ес-Сијаси поставени се оклопни возила и тенкови.
Поранешниот претседател на Јемен, Али Абдула Салех, е убиен во Сана, потврдија вчера од неговата партија на Општиот народен конгрес. Претставник на партијата изјави дека Хусите го запреле конвојот на Салех и го усмртиле во близина на Сана.
Активистите тврдат дека Хусите истрелале над 30 куршуми во поранешниот претседател на Јемен.
Јемен е средиште на длабока политичка и безбедносна криза која кон крајот на 2014 година ескалираше во граѓанска војна, кога бунтовниците предводени од шиитското движење на Хусите и Конгресот, предводен од соборениот претседател Салех, го зазедоа главниот јеменски град Сана, а потоа и други региони.
Бунтовничкото движење на Хусите и силите на Салех во последните неколку дена водат жестоки судири во Сана и околината, што дополнително ја влоши кризата во таа земја.