Ivana Ramadanova
06 Јуни 2017•Ажурирај: 07 Јуни 2017
СКОПЈЕ (AА) - Македонскиот премиер Зоран Заев испрати честитка до својот црногорски колега Душко Марковиќ по повод приемот на Црна Гора во НАТО, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во име на граѓаните и на Владата на Република Македонија, им честитам на граѓаните и на Владата на Република Црна Гора за огромниот исчекор кон демократскиот свет, преку интеграцијата на вашата држава како 29. полноправна членка на НАТО Алијансата. Примерот што го дава Црна Гора е порака дека ако има политичка волја и граѓанска свест за важноста на потребните реформски процеси, тогаш нивното исполнување се реализира со потребната динамика и тоа ги отвора перспективите и за луѓето и за државата“, се вели во честитката од Заев.
Во честитката се додава дека овој сигнал на отворени врати на НАТО е силна мотивација за новата Влада на Република Македонија што ја предводи Заев, да продолжи да работи според демократските вредности и владеењето на правото и да вложува во потребната модернизација на армијата според НАТО стандардите, за во најкус можен рок да ја обезбеди атлантската иднина и на Република Македонија.
„НАТО е пред сѐ сојуз на демократии, и граѓаните на Македонија, како и граѓаните на Црна Гора и од целиот регион, имаат потреба да бидат дел од цивилизираниот свет што носи стабилност и безбедност како во нашите држави, така и во светот“, се нагласува во честитката од премиерот Заев.