Nazlı Yüzbaşıoğlu
19 Февруари 2018•Ажурирај: 20 Февруари 2018
АМАН (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес во Аман изјави дека доколку силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад имаат намера да влезат во северозападниот сириски град Африн со цел негово расчистување од терористите на ЈПГ, тогаш тоа за турската страна не претставува проблем, но ако намерата им е да го заштитат ЈПГ истакна дека треба да знаат оти никој не може да ја запре на турската војска, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ако силите на режимот влегуваат во Африн со цел да го расчистат од ЈПГ, нема проблем. Доколку имаат намера да го штитат ЈПГ, ќе видат дека никој не може да ја запре турската војска“, изјави Чавушоглу пред новинарите во Аман, главниот град на Јордан.
Прорежимските сириски медиуми во текот на денешниот ден најавија дека во подрачјето на Африн, кое е под опсада на терористичката организација ПЈД/ПКК, ќе влезе таканаречена група „народни сили“.
Прорежимската сириска новинска агенција САНА јавува дека таканаречените „народни сили“ во Африн ќе пристигнат во следните неколку часа.
Африн е погранична сириска регија која од 2012 година е под окупација на терористите на ПЈД/ПКК. Во таа регија Турските вооружени сили и Слободната војска на Сирија ја спроведуваат операцијата „Маслинова гранка“ со цел неутрализирање на терористите.
Турските сили досега ослободија над 70 места во подрачјето на Африн, а терористите на ПЈД/ПКК ги интензивираа преговорите со силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад за да најдат спас во сојузништвото со нив.
Репортерот на АА од теренот известува дека терористите со режимот на Асад постигнале договор сличен со претходниот случај во Мунбич, и дека симболични единици на режимот ќе бидат распоредени на фронтовите во Африн наспроти турските сили и сириската опозиција.