Cansu Dikme
11 Јули 2018•Ажурирај: 11 Јули 2018
БРИСЕЛ (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека Турција првата испорака на рускиот одбранбен ракетен систем „S-400“ ќе ја земе кон крајот на 2019 година, јавува Anadolu Agency (AA).
„Првите батерии ќе бидат доставени кон крајот на наредната година“, изјави Чавушоглу за новинарите во Брисел, каде што присуствува на состанокот на НАТО.
Чавушоглу истакна дека покрај Соединетите Американски Држави (САД), и некои други земји членки на НАТО, исто така го довеле во прашање купувањето, нагласувајќи дека мора да се стави крај на тоа.
„Можеме да го разбереме техничкиот дел, на пример, нормално е да прашаат дали „S-400“ ги дефинира НАТО, НАТО-системите или сојузниците како непријатели. Ние сме, исто така чувствителни на ова прашање“, рече тој.
„Веќе ги поставивме нашите услови во овој поглед при купувањето“, додаде тој.
Минатиот декември, Турција склучи договор со Русија за купување на два система „S-400“, до почетокот на 2020 година.
Во април двете страни се согласија за рана испорака на овие системи.
„S-400“ е најнапредниот руски ракетен систем со долг дострел кој има способност да носи три вида проектили кои можат да уништуваат цели, вклучувајќи балистички и крстосувачки ракети.
Во јуни, американскиот Сенат усвои закон со кој се забранува продажба на авионите „F-35“ на Турција, наведувајќи го и купувањето на „S-400“, како и затворањето на американски државјани од страна на Турција.
Чавушоглу, исто така, ги отфрли наводите дека Турција се дистанцира од НАТО.
„Доколку нашите сојузници, кои се членки на НАТО, ги исполнеа овие наши потреби, ќе земевме од нив, ќе им дадевме приоритет“, истакна Чавушоглу.