ТОКИО (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, во рамките на посетата на Јапонија истакна дека Турција не се наоѓа на лесно подрачје и дека покрај сите потешкотии, ќе продолжи да презема чекори кои ќе придонесат за економско јакнење на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Чавушоглу на семинарот одржан во Токио говореше за надворешната политика на Турција и за моменталните случувања на Блискиот Исток и во светот.
Тој се осврна и на соработката меѓу Турција и Јапонија, велејќи дека таа е сè поголема, а дека двете страни покажале желба за додатно унапредување на односите.
Чавушоглу изјави дека светот поминува низ процес на значајни промени.
Укажа и на моменталните случувања во светот, економските војни, санкции, миграции, сиромаштија, радикализација и борба против тероризмот.
Чавушоглу нагласи дека во многу прашања се гледа каков ќе биде ставот на Азија, односно значајните сили во Азија меѓу кои се Јапонија, Јужна Кореја и Кина.
„Глобалната соработка мора да постои. Сите овие случувања доведоа до преиспитување на глобалниот систем. Бидејќи денес, регионалните и глобални организации, вклучувајќи ги ОН, се неуспешни во решавање на проблемите со кои се соочуваме“, појасни Чавушоглу.
Истакна дека Турција настојува да понуди значаен придонес во решавање на проблемите во регионот, па и пошироко.
„Процесот во Сирија не напредува како што би требало. Прашањата кои доведоа до криза продолжуваат да опфаќаат низа проблеми за регионот и пошироко“, изјави Чавушоглу, кој додаде дека Турција продолжува да соработува со значајните актери во Сирија.
Тој додаде дека доказ за тоа се договорот од Сочи, како и Самитот во Истанбул на кој присуствуваа челниците на Франција, Германија, Русија и Турција.
„Вложуваме големи напори бегалците доброволно да се вратат на сириските територии каде што е воспоставена безбедност“, појасни Чавушоглу.
Потсети дека Турција пружила засолниште за 3,5 милиони Сиријци, како и за мигранти од Ирак и другите земји. Како што истакна, Турција само за потребите на сириските бегалци потрошила околу 33 милијарди долари.
Чавушоглу се осврна и на американските санкции кон Иран, истакнувајќи дека станува збор за прашање со кое треба да се позанимава целиот свет, вклучувајќи ја и Јапонија.
Истакна и дека Турција не се наоѓа на лесно подрачје.
„И покрај сите потешкотии, преземаме и ќе продолжиме да преземаме мерки за да ја зајакнеме и зголемиме економската стабилност на нашата земја“, појасни Чавушоглу.
Укажа и на низа проблеми и во другите региони на кои им се потребни мирни решенија, а на нивното донесување работи и Турција.
Тој изјави дека сакаат да ја зајакнат соработката со Јапонија во пронаоѓањето решенија и во хуманитарната помош.
„Први сме кога станува збор за хуманитарна помош. Се гордееме со тоа. Не сме најбогата земја, но се гордееме што сме најдарежлива земја“, изјави турскиот министер Чавушоглу.
news_share_descriptionsubscription_contact
