Nazmi Abduramani
30 Септември 2018•Ажурирај: 01 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Европскиот комесар за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, им честиташе на граѓаните кои гласаа на денешниот референдум за прашањето околу името и евроатлантскиот пат, јавува Anadolu Agency (AA).
Хан преку објава на социјалната мрежа Твитер рече дека очекува лидерите да ја почитуваат волјата на граѓаните, додавајќи дека Договорот од Преспа доби широка поддршка од граѓаните со гласот „за“.
„Им честитам на оние граѓани кои гласаа на денешниот консултативен референдум и го остварија своето демократско право. Со значајно „да“ има широка поддршка за Преспанскиот договор и евроатлантскиот пат на земјата. Сега очекувам сите политички лидери да ја почитуваат оваа одлука и да ја спроведат со најголема одговорност и единство меѓу партиите, во интерес на земјата“, напиша комесарот Хан.
Инаку, референдумот се одржа по Договорот во јуни меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија како клучен услов за членство на земјата во НАТО и за отворање на преговорите со ЕУ.